Abdulbesar Ademi
16 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија ја донесе Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата, што врз основа на Законот за употреба на јазиците, во главниот град Скопје и во другите општини каде што живеат најмалку 20 отсто граѓани од заедниците, се предвидува да бидат напишани на македонски јазик и на јазикот на заедницата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Оваа Уредба е донесена врз основа на Законот за употреба на јазиците, каде што според член 8 став (3) е утврдено дека униформата на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20 % од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, е напишана на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо“, се вели во владиното соопштение.
Се истакнува дека оваа Уредба влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија, а ќе отпочне да се применува во текот на една година од денот на влегувањето во сила.
Потсетуваме, Законот за употреба на јазиците беше усвоен на 11 јануари 2018 година во Собранието на Македонија, но тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов одби да го потпише декретот со образложение дека тој е противуставен. Законот повторно беше вратен на пленарна седница и подоцна, односно на 14 март истата година, законот повторно беше изгласан во Собранието.
Законот предвидува во сите органи на државната власт, покрај македонскиот јазик и азбука, службен јазик да биде и јазикот кој го зборуваат 20 отсто од граѓаните на земјата и неговата азбука, во случајот албанскиот јазик.