Abdula Berisha
02 Мај 2021•Ажурирај: 03 Мај 2021
СКОПЈЕ (АА) - Муслиманските верници во Северна Македонија за првпат оваа година присуствуваа на терави намазот (вечерна молитва за време на месецот Рамазан) во џамиите низ земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од почетокот на светиот муслимански месец Рамазан, во Северна Македонија се спроведуваат мерки за спречување на ширењето на новиот вид коронавирус (Ковид-19), вклучително и полицискиот час кој првично важеше до 20:00 часот, што оневозможи да се одржуваат терави молитвите со присуство на верниците во џамиите.
Според владината одлука усвоена на 27 април, забраната за движење стапува на сила од 21:00 часот, но исклучок од забраната за движење се вечерните часови помеѓу 1 и 2 мај, за време на христијанскиот верски празник Велигден.
Муслиманските верници го искористија овој исклучок за првпат да присуствуваат во џамиите за тарави молитвата, со оглед на тоа што не е предвиден друг исклучок до крајот на месецот Рамазан.
Освен тоа, Владата одлучи дека исклучокот ќе важи и вечерта меѓу 13 и 14 мај, односно за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.