Admir Fazlagic
06 Октомври 2018•Ажурирај: 07 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Кривична пријава за вршење кривични дела против културното наследство и природните реткости е поднесена вчера против вкупно 14 лица, од кои 13 се приведени, а по преостанатиот се трага, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во текот на вчерашниот ден Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Основното јавно обвнителство за гонење на организиран криминал и корупција, спроведе координирана акција, со цел сузбивање на организирана повеќечлена криминална група составена од лица од Скопје, Велес, Струмица, Радовиш, Тетово, Струга и Битола, инволвирана во вршење на кривични дела против културното наследство и природните реткости“, сооопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на денешната прес-конференција.
„Криминалистичката истрага се спроведуваше една година од страна на ОСОСК – Единицата за сериозен криминал, при Секторот за криминалистички истраги, а вчера се извршени претреси на вкупно 16 локации, при што од слобода се лишени 13 лица и од нив привремено се одземени голем број артефакти: монети, полускапоцени и скапоцени камења, стар накит, скулптури, керамички и бронзени предмети, метални шипки, мапи, метал детектори, скици, тефтери, нотеси, мобилни телефони, рамка за пиштол и куршуми, и слично“, рече Ангеловски.
Пријавените организатори и членови на злосторничкото здружение, во наведениот период со умисла и континуирано нуделе на продажба поединечно или групно повеќе предмети пронајдени претходно или во тек на посочениот период, договарале и вршеле истражувања на различни локации.
„Ископаните археолошки предмети од непроценлива вредност (монети, скапоцени и полускапоцени камења) на повеќе археолошки локалитети на повеќе локации низ државата (Струмица, Велес) ги продавале на заинтересирани лица од странство (Албанија, Турција и Грција), а продажбата ја вршеле на непосредни средби. Купопродажбата, освен на територијата на Македонија, ја вршеле и во Грција“, соопшти Ангеловски.
По лишувањето од слобода, осум лица се задржани во полициска станица до нивно изведување пред судија по претходна постапка, а пет лица по извршен службен разговор се пуштени.