Admir Fazlagic
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Македонија и Словенија се држави коишто имаат одлична соработка, а во делот на одбраната Република Македонија профитираше и искористи многу од големата поддршка којашто целиот овој период ѝ ја дава Словенија“, порача денеска министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, по средбата со министерката за одбрана на Словенија, Андреја Катич, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката за одбрана на Словенија, Катич, престојува во посета на Република Македонија, во рамки на која беше пречекана од министерката Шекеринска со која имаше билатерална средба, а потоа имаше и средба на делегациите на министерствата за одбрана на двете држави.
По одржаните средби, двете министерки одржаа заедничка прес-конференција. Министерката Шекеринска истакна дека Словенија со сите сили се трудеше да овозможи ова лето Македонија да ја добие поканата за членство во НАТО и за тоа изрази благодарност во име на македонската Влада.
Шекеринска информирше дека со нејзината колешка од Словенија денеска го потпишале Меморандумот за разбирање со кој соработката во одбраната се подига на повисоко ниво.
„Со овој меморандум“, како што рече таа, „се регулираат заедничките тренинзи, заедничките обуки на припадниците на армиите на двете држави, и тоа со годишни планови, медицинска грижа за војниците од двете страни, финансии за обуките, правни аспекти, заштита на животната средина и сите други елементи кои ќе овозможат уште поблиска соработка во одбраната“.
„Македонија и Словенија се не само пријателски, туку слични држави и по територија и по население. Од моментот на нашата независност и Македонија и Словенија избраа ист пат, но за жал, со различна брзина. Словенија беше држава којашто прва стана членка на НАТО и којашто прва се приклучи на ЕУ, и не е случајно што денеска Словенија ги има највисоките и просечни и минимални плати во регионот, најдобрите стандарди во областите што се важни за граѓаните“, истакна Шекеринска и порача:
„Примерот со Словенија е можеби и најдобар показател за успех и за нас. Македонија знае дека тоа е вистинскиот пат и убедени сме дека на 30 септември граѓаните на референдум ќе потврдат дека посакуваат таква иднина за себе, за своите семејства, за своите деца, за својата држава.“
Од друга страна, министерката за одбрана на Словенија, Андреја Катич, истакна дека низата средби на високо ниво што се одржаа во изминатиот период покажуваат дека Словенија и Македонија имаат одлични односи, посебно билатералната соработка помеѓу државите во подрачјето на одбраната и военото подрачје ги оцени како добри.
Таа посочи дека целта на денешната посета е зајакнување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката во делот на одбраната, а покрај тоа посетата е наменета и за искажување поддршка на Македонија на нејзиниот евроатлански пат.
Катич изјави дека Словенија го поздравува напредокот којшто македонската Влада го направи изминатиот период, а исто така и грижата што ја посветува на усвојувањето на неопходните реформи.
Според нејзините зборови, фактот дека сојузниците една година по приемот на Црна Гора во своите редови можат да почнат пристапни разговори со Македонија е од големо значење за целокупиот регион за Западниот Балкан и за неговата понатамошна стабилност.
Како што истакна словенечката министерка, со влегувањето во НАТО, Македонија ќе стане дел од безбедносна рамка на демократски и безбедни држави и ќе има еднакво право на глас како останатите.
„Затоа Словенија посебно го поздравува Договорот којшто Македонија го постигна со Грција. Се разбира дека требало попуштање и од двете страни, но јазикот ќе остане и натаму македонски, националноста македонска и се надевам дека македонските граѓани на референдумот ќе решат правилно“, порача Катич.
Таа истакна дека сите членки на ЕУ сметаат дека македонската Влада добро ги спроведува активностите за нејзиното идно членство во Алијансата.
„Референдумот е институт на демократскиот поредок и овозможува изразување на волјата на народот. Затоа е уште поважно граѓаните на Македонија да учествуваат на него и да ја изразат нивната волја“, изјави министерката Катич, порачувајќи дека Словенија ја потврдува поддршката за евроатланската интеграција на Македонија и заедно со државите членки на НАТО се надева дека Македонија успешно ќе го помине тој пат.