Hale Türkeş
30 Август 2018•Ажурирај: 01 Септември 2018
АНКАРА (АА) - „Гаспром постави вкупно 1.500 километри од гасоводот Турски тек на двете линии, што претставува околу 80 отсто од вкупната должина на цевководот“, соопшти денес извршниот директор на „Гаспром“, Алексеј Милер, јавува Anadolu Agency (AA).
Милер ова го соопшти во текот на конференциското јавување посветено на денот на работниците во индустријата за нафта и гас.
Турски тек е гасовод за пренос на природен гас преку Црното Море од Русија до Турција, кој се состои од две линии во должина од 930 километри, секоја со капацитет од по 15,75 милијарди кубни метри.
Првата линија е намената за снабдување со гас на турските консументи, додека втората линија со гас ќе ја снабдува јужна и југоисточна Европа.
Гасоводот, кој ќе продолжува во Европа или преку Бугарија и Србија, или преку Грција и Италија, ќе започне со работа кон крајот на 2019 година.
Најголемото пловило на светот за изградба и кревање товар „Pioneering Spirit“ (Пионерски дух), кој во моментов ја поставува втората линија од проектот, во неделата го постави новиот светски рекорд во подводно поставување гасоводни цевки.
Компанијата „Гаспром“ на својот профил на социјалната мрежа Инстаграм во понеделникот објави дека пловилото на 26 август за еден ден успеало да постави гасоводни цевки во должина од 6,27 километри во морските длабочини, со што го надмина просекот во поставување од 4 километри на ден.
Првата линија на Турскиот тек вчера стигна до турскиот брег кај местото Кијикој, во северозападна Турција.