Murat Temizer
10 Октомври 2016•Ажурирај: 11 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Русија и Турција денес во Истанбул го потпишаа меѓувладиниот договор за проектот за гасоводот „Турски тек“, јавува Anadolu Agency (AA).
Александар Новак, рускиот министер за енергетика и неговиот турски колега Берат Албајрак, го потпишаа договорот по состанокот меѓу турскиот претседател Ердоган и рускиот претседател Путин, кој траеше 140 минути во Истанбул.
Претходно во текот на разговорот со Ердоган, Путин укажа на потребата од развивање на проектот за гасоводот „Турски тек“.
Проектот, објавен од страна на Путин за време на посетата на Турција во декември 2014 година, ќе пренесува гас од Русија под Црното Море до турска Тракија. Една линија, со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри се очекува да го снабдува турскиот пазар, додека втората линија би требало да врши довод на гас кон Европа.
Преговорите за гасоводот беа прекинати откако Турција го собори рускиот авион кој го прекрши турскиот воздушен простор над турско-сириската граница во ноември минатата година, но неодамна преговорите продолжија.
Минатиот месец, Гаспром соопшти дека изградбата може да почне до крајот на 2017 година доколку се потпише меѓувладин договор во октомври, со цел завршување на гасоводот до 2019 година.
Турција, која е втор најголем потрошувач на руски гас по Германија, увезува околу 30 милијарди кубни метри гас годишно од Русија преку два цевководи - Синиот поток, кој минува под источниот дел на Црното Море и Западната линија преку Балканот.