Tuba Şahin
17 Јули 2021•Ажурирај: 19 Јули 2021
Во главниот град на Татарстан, Казан, во период од 28 до 30 јули ќе се одржи меѓународен економски самит на кој ќе се дискутира за начините за зајакнување на врските меѓу Русија и исламскиот свет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Самитот во Казан (KazanSummit 2021) има за цел зајакнување на трговските, економските, научно-техничките, социјалните врски и врските во областа на културата меѓу Русија и земјите членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС).
Тридневниот настан, чиј глобален комуникациски партнер е АА, исто така има за цел да го промовира развојот на исламските финансиски институции во Русија.
На овој самит ќе учествуваат претставниците на меѓународните организации, финансиските институции, амбасадите, парламентите, инвеститори и бизнисмени, како и високи челници на руските и странски компании.
Меѓу другото, претседателката на Агенцијата за развој на инвестициите во Татарстан, Талија Минулина, во врска со настанот истакна дека овој самит секоја година ја развива својата агенда, и рече: „Интеракцијата со исламскиот свет е ветувачка област за инвестиции за Руската Федерација.“.
Самитот ќе биде предводен од страна на претседателот на Татарстан, Рустам Миниканов.
Настанот, чие мото е „свесна потрошувачка“, ќе се осврне на темите како, финансирање на партнерства, халал индустрија, младинска дипломатија, медицина, спорт, развој на извозот, деловни активности и инвестиции.
Во маргините на самитот ќе се одржат различни настани, како саемот „Russia Halal Expo“, Форумот за млади претприемачи на земјите од ОИС, Форумот за млади дипломати, како и други настани.