Aysu Biçer
28 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
МОСКВА (АА) - Централната банка на Руската Федерација соопшти дека ја зголемила референтната каматна стапка од 9,5 на 20 отсто, што е драматичен потег во екот на санкциите со кои се соочува земјата поради воената операција во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Европската Унија (ЕУ), Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија и Канада вчера се договорија да отстранат неколку руски банки од банкарскиот систем СВИФТ.
„Надворешните услови за руска економија се драматично сменети“, се наведува во соопштението на руската Централна банка.
Од Банката тврдат дека новиот потег ќе помогне во одржување на финансиска и ценовна стабилност и заштита на заштедите на граѓаните.
Банката сигнализираше дека понатамошните одлуки за референтната стапка ќе ги донесуваат врз основа на проценка на ризикот од надворешните и внатрешните услови.
Гувернерката Елвира Набиулина денеска ќе ѝ се обрати на јавноста и ќе открие повеќе детали за новите потези на руската Централна банка.
- Падот на вредноста на рубљата -
Руската рубља бележи пад на вредноста од околу девет отсто, а Министерството за финансии на Русија воведе дополнителни обврски кон извозниците во врска со девизните приходи.
По воведувањето на меѓународните санкции, руската валута бележи пад на вредноста во однос на американскиот долар за 8,43 отсто, а 8,8 отсто во однос на еврото. Доларот во моментот вреди 90 рубљи, а еврото 101,2 рубљи.
Најавено е дека московската берза, која минатата недела загуби околу 25 отсто од вредноста, ќе биде затворена за трансакции до понатамошно известување.
- Нови обврски за руските извозници -
Руското Министерство за финансии соопшти дека со новата одлука ги обврзува руските извозници да продаваат 80 проценти од својата девизна заработка во надворешната трговија.
„Руските извозници од 28 февруари се обврзани да продадат 80 отсто од својата девизна заработка според сите договори за надворешна трговија“, се наведува во соопштението.
Според податоците на Руската федерална царинска служба, извозот на земјата во 2021 година пораснал за 45,7 отсто во однос на претходната година, достигнувајќи 493,3 милијарди долари, додека нејзиниот увоз е зголемен за 26,5 отсто на 296,1 милијарди долари.