Fatih Mehmet Kürkçü
03 Мај 2018•Ажурирај: 04 Мај 2018
САМСУН (АА) - Новинарот на Anadolu Agency (AA) разговараше со момчето кое привлече големо внимание на јавноста во Турција и пошироко, кое додека се возело во трамвај на босоного дете од Сирија му ги подари сопствените чевли, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за 21 годишен државјанин на Ирак, Мухамед Басем Хамед Алсамараи, кој заедно со семејството живее во Самсун, град на северниот дел на Турција.
Алсамараи, кој инаку работи во фабрика за мебел, за АА изјави дека е среќен што барем на овој начин усреќил дете кое немало чевли.
„Видов дека детето е босо. Не можев да издржам. Прв пат видов такво нешто. Малку поразговарав со него, ги соблеков чевлите и му ги дадов“, изјави ова момче.
Тој истакна дека прво помислил дека детето можело да се разболи бидејќи времето било ладно и дождливо.
„Помислив како воопшто може да оди без чевли. Јас, откако излегов од трамвајот, 5-10 минути одев без чевли и нозете ме заболеа. Како тоа дете воопшто можеше да оди без чевли? Многу се растажив кога видов дека детето е босо. Кога му ги дадов чевлите, помислив како повеќе нема да оди бос“, раскажа Алсамараи.
Тој додаде дека на неговото семејство прво ништо не му рекол што се случило, но подоцна се раскажал кога забележале дека дошол дома без чевли.
„Не му кажав на никој за тоа. Тоа го направив во име на Бога. Нема потреба за тоа да зборувам на другите луѓе“, изјави Алсамараи.
По неговиот хуман гест, ова момче и неговиот татко ги прими и градоначалникот на Самсун, Зихни Шахин, кој во таа прилика кажа дека со своето однесување станал пример на многу млади лица.
Потсетуваме, Емре Енес Косе, ученик кој се возел со трамвај во турскиот град Самсун со мобилен телефон го фотографирал хуманиот гест на момчето кон детето од Сирија.
Подоцна на социјалните мрежи ја споделил фотографијата на која се гледа како момчето на детето од Сирија му ги подарува сопствените чевли.
Фотографиите кои ги објави на социјалните мрежи во многу краток рок привлекоа големо внимание на јавноста.