АЛ БАБ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Додека во светот некогаш се говореше дека Сирија, држава која се наоѓа во југозпадна Азија, е земја-лулка на цивилизацијата, денес, Сирија е земја која веќе седум години е заробена во жестока војна, откако режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост врз учесниците на продемократските протести.
Оттогаш, според Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, во Сирија се убиени над 330.000 лица, а над 10 милиони лица се раселени. Само овие неколку факти, покрај многубројните други, доволно говорат за хуманитарната драма со која се соочува Сирија.
Градот Ал Баб, кој се наоѓа 40 километри североисточно од Алепо, a кој беше ослободен во рамките на операцијата „Штитот на Еуфрат“ во февруари минатата година, го посети и уредничкиот тим на Сервисот на македонски и Сервисот на албански јазик на Anadolu Agency (AA), кој беше дел од делегацијата на уредниците на меѓународните сервиси на оваа агенција.

Уредниците го посетија и ридот Акил, кој за време на операцијата имаше стратешко значење, каде што засадија садници, а по средбата со претставници на локалното Собрание во Ал Баб, се прошетаа низ градот. А на улиците во градот тие беа пречекани од децата. Топлината на нивната прегратка и нивната насмевка говори многу повеќе од што било што може да се каже.
За нив се добредојдени прегратките на сите луѓе кои имаат добра волја и кои може да им подарат барем малку љубов и внимание.
Раздвижени низ улиците во групи, со топки и различни играчки повторно го враќаат во нормала животот во Ал Баб. Во тие моменти, кога сте свесни дека сте во Сирија, земја која со години се соочува со тешка војна, се присетувате на познатата поговорка дека децата се украсот на светот, без оглед на тоа каков е тој. Но, во овој случај, таа поговорка навистина добива многу поинаква смисла и многу поголема тежина.

- Срдечното гостопримство на Сиријците
Освен децата, и повозрасните луѓе беа многу гостопримливи. И покрај тешката состојба во која се наоѓаат, сепак, Сиријците веднаш го покажаа своето срдечно гостопримство, почестувајќи ги дојдените гости со баклава, што е одраз на нивната традиција на гостопримливост.
Се поздравувааат со сите и сакаат да разговараат, иако во нивните очи може да се види болката од страдањата коишто ги имаа во војната.
Од она што можеше да се види, наједноставно, сирискиот народ може да се опише како пријатен, мирен и љубезен, исто како што е и нивниот мелодичен дијалект на арапски јазик.
Нашата посета во сирискиот Ал Баб беше во петок напладне, точно во времето кога муслиманите ја извршуваат петочната молитва („џума намаз“), што укажува на враќањето на мирот во овој град, каде што жителите се обидуваат да го вратат нормалниот тек на животот.
Од минарињата на локалните џамии се огласија муезините со езаните (повиците за молитва), што потсетуваше дека дојде време за молитва. Како што дуваше ветрот, така мелодично продираше повикот на муезинот „Hajje ale-l-felāh“, што во превод од арапски значи „дојдете на спас“.
Младите луѓе, исто така се обидуваат да отворат нова страница во нивните животи. Забележителна беше нивната раздвиженост низ градските улици со старите мотори.
Особена благодарност жителите на Ал Баб изразуваат кон Република Турција, која им нуди поддршка во бројни аспекти, го помага локалното наеление, бегалците и лицата кои живеат во ослободените територии.
- Поддршка на Турција за враќање на животот во Ал Баб
Во Ал Баб сега моментално има население со бројка од 147.000 жители, од кои повеќе од 19.520 лица се бегалци од Источна Гута.
За ова население кое живее на овие простори, Турција со своите надлежни министерства, агенции и институции постојано реализира активности во Ал Баб и ослободените места, со што го претвора во погодно место за живеење. Имено, во 26 точки во Ал Баб се врши контрола 24/7 за безбедноста во градот и околината.
За да се задоволат потребите за храна на населението, месечно се делат 2010 тони брашно од Турската агенција за управување со вонредни состојби (АФАД).
Исто така, за населението се направени четири бунари за вода, со кои се добива 460 тони вода дневно. Во однос на потребите за здравствени услуги, во Ал Баб се гради болница со 200 легла за која се очекува кон крајот на мај да биде пуштена во употреба.
Многу активности се работат и во сферата на образованието, посебно за децата од најрана возраст. На ова подрачје обновени се 65 стари и изградени се пет училишта, во кои се образоваат околу 51.000 деца, на кои комплетната училишта опрема им ја донира Турција.
Во однос на организирање на спортскиот живот во градот, во тек е градење на две спортски сали, за децата и младите да имаат можност да спортуваат и да се стекнуваат со здрави животни навики.
- Се враќа надежта за подобра иднина
Колку и да е тешко, ентузијазмот со кој хуманитарните екипи и другите лица, претставници од турските институции присутни во Ал Баб кои напорно работат на обезбедување на условите за подобар живот во овој сириски град, жртва на тешката војна, влева силна надеж дека тука повторно ќе „никне“ убав град.
Особено фактот што и покрај разорувачката војна во Сирија, во градот Ал Баб повторно се слуша детскиот џагор, играта со топката, детската песна и насмевка, ни дава за право да веруваме дека за неговите жители допрва доаѓаат поубави денови.