свет, живот

Новородени близначиња убиени во израелски напад во Газа додека таткото ги земал изводите од матичната книга на родените

Двете бебиња се родени во саботата во градот Деир ал-Балах, но израелскиот напад врз нивниот стан ја уништи семејната радост

Mohammad Sıo  | 14.08.2024 - Обновена : 16.08.2024
Новородени близначиња убиени во израелски напад во Газа додека таткото ги земал изводите од матичната книга на родените Фото: Ashraf Amra/АА

ГАЗА (АА) - Новородени близнаци беа убиени во израелски воздушен напад во централниот дел на Појасот Газa во момент кога нивниот татко отишол да ги земе нивните изводи од матичната книга на родените, јавува Анадолу.

Двете бебиња се родени во саботата во градот Деир ал-Балах, но израелскиот напад врз нивниот стан ја уништи семејната радост за новороденчињата.

„Само што ги добив изводите од матичната книга на родените за моите новородени бебиња Ајсел и Асер“, изјави нивниот татко Мухамад Абу ал-Кумсан за Анадолу додека солзи му се ронеа по образите.

„Тие се родени на 10 август. Бев излезен од куќата да ги земам нивните документи, а потоа добив повик... Не очекував дека повеќе нема да ги видам живи.“

Мухамад и неговата сопруга Џумана Арафа, кои беа раселени од Северна Газа, ги добија своите близнаци по тешкото породување со царски рез. Нивните срца беа преполни со радост, а парот со нетрпение ја исчекуваше иднината со своите две малечки.

Кога тој излегол вчера рано изутрина да ги земе изводите од матичната книга на родените за своите деца, добил телефонски повик дека неговиот стан бил гранатиран.

Ахмет се упатил кон болницата Ал Акса во Деир ал-Балах, каде што се соочил со своите најлоши стравови.

Сотрен, откако ги видел своите роднини пред мртовечницата тој сфатил дека меѓу жртвите се и неговата сопруга и нивните новородени близначиња.

„Ајсел и Асер беа почетокот и крајот на мојата радост. Мојата среќа беше неизмерна, а сега ја нема“, рече таткото.

- Безброј трагедии -

Од другата страна на просторијата, братот на Џумана ја оплакуваше мајка си, Рим Џамал ​​ал-Батрауи (50), која исто така беше убиена во нападот.

Додека го држеше телото на својата мајка и гледаше во својата сестра и нејзините деца, тој во солзи праша: „Кое беше нивното злосторство? Зошто израелската армија гаѓаше во нив?“

Нападот беше дел од тековната офанзива на Израел врз Појасот Газа, во која загинаа речиси 40.000 луѓе од 7 октомври 2023 година.

Убиството на новородените близнаци е една од безбројните трагедии што се случија за време на израелската војна, оставајќи ги семејствата, како на Мухамед, само со спомени за најблиските што ги загубиле.

Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот во октомври минатата година од страна на палестинската група на отпорот Хамас.

Повеќе од 10 месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои и блокада за храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.