АЗЕЗ / АНКАРА (АА) - ЕТХЕМ ЕМРЕ ОЗЏАН / ОМЕР КОПАРАН -
Поминаа 5 години од смртта на Салих Лејла, репортерот на Агенција Анадолија (АА) во Алепо, Сирија, кој го загуби животот во напад на терористичката организација ДЕАШ со возило натоварено со експлозивни материјали.
Братот на Салих Лејла и неговите блиски пријатели во разговор за АА раскажаа за нивниот копнеж и љубов кон него.
Енес, помладиот брат на Салих Лејла, истакна дека сѐ уште тагуваат за загубата на неговиот брат.
„Меѓу нас имаше силна врска. Тој беше многу храбар и личност со самодоверба. Пред да започне граѓанската војна, од една страна одеше на Универзитет, од друга страна работеше и дење и ноќе за да му помогне на семејството“, раскажува Енес.
Во разговорот, се присетува и дека неговиот брат секогаш бил вреден.
„Многу научив од мојот брат. На крајот на 2012 година контактираше со Агенција Анадолија, а подоцна им се придружи. Со снимките што ги направи, на целиот свет му ги покажа масакрите на режимот на Асад“, вели Енес.
- „Почина без да го земе своето дете во раце“
Енес истакна дека неговиот брат Салих, иако на Универзитетот не учел за фотографија, поради страста што ја имал кон оваа професија, со тек на времето станувал сѐ подобар.
„Тој многу веруваше во моќта на Агенција Анадолија. При известувањата мојот брат честопати беше повредуван. Многупати се спаси од смртта“, додаде.
Подвлекувајќи дека секој ден го чувствуваат отсуството на неговиот брат, Енес рече:
„Неговото дете се роди по седум недели откако го загуби животот [стана шехид]. На бебето му го дадовме името Салих. Брат ми почина без да го земе своето дете во раце. Мојот внук ќе расте со неговите херојски приказни, неговата фотографија и неговата камера која беше уништена. Тој ќе порасне како храбар човек, исто како татко му.“
- „Изгубивме одлична личност“
Новинарот соработник Јасер Ахмет, рече дека Салих се запознале во Алепо во 2012 година, раскажувајќи дека од него научил многу и дека сѐ уште не може да се навикне на неговото отсуство.
„Салих беше најхрабриот новинар што го запознав во регионот. Тој известуваше од зоните на конфликти. Многупати го ризикуваше својот живот заради љубовта кон новинарството. Неговата единствена грижа беше за масакрите на режимот на Асад да слушне целиот свет“, рече Ахмет.
Тој вели дека Салих Лејла направил големи дела за АА. „Ја сакаше својата работа и постојано се подобруваше. Очигледно, изгубивме одлична личност. Ги споделуваше своите искуства со пријателите.“
Посочувајќи дека Салих Лејла беше многу сакан од неговите пријатели, Ахмет додаде:
„Дури и во најтешките моменти знаеше да се пошегува и да нѐ релаксира. Беше наш извор за надеж. Неговата смрт остави длабоко влијание кај нас. Се надевам дека што поскоро ќе имаме слободна Сирија за која сонуваше Салих.“
- „Секогаш нѐ заштитуваше“
Мустафа Султан, друг колега на Салих Лејла, истакна дека длабоко тагуваат поради смртта на неговиот колега.
Според неговото раскажување, со Салих Лејла започнале да работат од 2013 година.
„Јас бев снимател. Салих ме научи да фотографирам. Ноќта пред да го загуби животот, остана кај мене. Излезе околу 14:00 часот. Навечер добив вест дека починал [станал шехид]. Салих секогаш нѐ штитеше. Не ни дозволуваше да одиме во регионите на конфликтот. Во случај да ни дозволеше, и тој доаѓаше со нас. Секогаш беше со нас за сѐ. Тој беше нашиот постар брат“, вели Султан.
- Салих Лејла
Салих Лејла, во јули 2015 година во областа Џемијет ез Зехра во Алепо се повреди и беше донесен во Турција на лекување.
За време на неговото работење, Салих направи многу фотографии и снимки во врска со конфликтите на северот на Сирија и напиша голем број вести за проблемите на луѓето што живеат во областите на конфликтот.
Голем дел од фотографиите на Салих направени за време на граѓанската војна во Сирија беа објавени од водечките светски медиуми.
Салих, кој е роден во областа Анадан на северот од Алепо, дипломирал на Одделот за компјутерска техника.
Репортерот Салих Лејла беше убиен во нападот извршен од страна на ДЕАШ со возило натоварено со експлозивни материјали на 9 октомври 2015 година во местото Хирајтан во Алепо.
- АА во граѓанската војна во Сирија загуби четворица медиумски работници
Со почетокот на граѓанската војна во Сирија, Агенција Анадолија (АА) загуби четворица медиумски работници како резултат на напади од разни страни.
Репортерот на АА во Алепо, Салих Махмуд Лејла, е убиен во напад со возило натоварено со експлозивни материјали од страна на ДЕАШ во 2015 година.
Весим ел Адил, фоторепортер соработник на АА, животот го загуби на 23 септември 2015 година како резултат на напад на руските авиони врз областа Бинин.
Меџид Дирани (21), новинар соработник на АА, почина на 19 февруари 2016 година во местото Дареја во Дамаск, во моментот кога се обидуваше да ги сними нападите организирани од страна на силите на Асад.
Енес Дијаб (22), кој исто така работеше како соработник на АА во Сирија, почина на 21 јули 2019 година во воздушен напад на Русија во Идлиб.