Mücahit Oktay
26 Јуни 2020•Ажурирај: 26 Јуни 2020
ЊУЈОРК
Центарот за контролирање и спречување на епидемии на САД (CDC) тврди дека бројката на заразени лица со новиот вид коронавирус (Ковид-19) во САД е десетпати поголема, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на Центарот, Роберт Редфилд, во изјава за медиумите истакна дека е можно околу 25 милиони граѓани на САД да се заразени со овој вирус, бројка што е десетпати поголема од моменталната бројка на откриени случаи.
Редфилд нагласи дека како резултат на испитувањето на примероци на крв низ земјата, милиони жители на САД покажуваат минимални симптоми и дека е можно да бидат заразени со Ковид-19; затоа тврди дека официјалната бројка на откриени случаи треба да се помножи со 10.
„Овој вирус предизвикува многу аспимтоматски инфекции, најверојатно упеавме да идентификуваме само 10 отсто од оваа пандемија“, рече тој.
„Серолошките резултати на примероците на крв собирани поради повеќе причини покажаа дека 5 до 8 отсто од жителите на САД се заразени со вирусот“, додаде Редфилд.
Според него, потенцијалната бројка на инфектирани треба да биде многу поголема од потврдените случаи, додека, рече тој, стотици милиони Американци се под ризик.
„Оваа пандемија не заврши. Најмоќното средство, најмоќното оружје што го поседуваме е физичката дистанца. Имаме обврска да ги спроведуваме стратегиите за намалување на социјалните ефекти со цел заштита на старите лица и ранливите категории. Моментално не зборуваме за втор бран, сѐ уште сме во првиот бран и овој прв бран добива нови облици“, нагласи Редфилд, директор на Центарот за контролирање и спречување на епидемии на САД.