Ekip
09 Јуни 2020•Ажурирај: 10 Јуни 2020
РИМ
Во Италија денес се пријавени нови 79 смртни случаи од последиците на Ковид-19, со што вкупниот број на починати изнесува 34.043, додека Владата се подготвува да дискутира за предлозите на експертите за да се помогне економското закрепнување на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трендот на забавување на смртните случаи од минатиот месец продолжи и на почетокот од јуни.
Вкупниот број на активни случаи денес опадна за 1.858, со што вкупниот број на активни случаи изнесува 32.872.
Во меѓувреме, бројот на оздравени продолжува да се искачува, достигнувајќи бројка од 168.646 при што повеќе пациенти ги напуштија одделите за интензивна нега, намалувајќи го притисокот врз здравствениот систем на Италија.
Епицентарот на епидемијата во Италија останува северниот регион Ломбардија, каде досега од последици предизвикани од Ковид-19 починаа 16.317 лица, што е повеќе од половина од вкупниот број на смртни случаи во Италија.
Бидејќи здравствената вонредна состојба се чини е под контрола, владата се обидува да се фокусира на негативните последици по економијата предизвикани од пандемијата, изготвувајќи долгорочен план за решавање на долгогодишните проблеми во Италија.
За таа цел, премиерот Џузепе Конте свика средба со сите опозициски партии, работнички синдикати и деловни претставници што треба да започне во петок.
За време на состанокот, тие ќе дискутираат за неколку предлози кои по двомесечна работа ги подготви специјална работна група предводена од менаџерот Виторио Колао.
Планот претставен на 121 страница вклучува предлози како повторно да започнат бизнисите и да се обнови вработување во секторите од инфраструктура па се до јавната администрација, култура и туризам.
Планот исто така има за цел да го забрза развојот на 5Г мрежата и да се поттикнат индустриските групи кои одлучуваат враќање на нивните активности низ Италија.