Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
08 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Како последица на новиот тип коронавирус (Ковид-19), во последните 24 часа во Бразил починаа 310 лица, а во Мексико 223, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Бразил, третата најпогодена земја во светот откако Индија ја надмина во бројот на заразени, бројот на починати од последиците на вирусот се искачи на 126.960, додека бројот на случаите на зараза надмина 4,14 милиони со 10.273 нови потврдени случаи.
Според Министерството за здравство на Бразил, над 3,35 милиони луѓе досега оздравеле во таа латиноамериканска земја.
Со популација од над 211 милиони, Бразил се смета за епицентар на епидемијата на Ковид-19 во регионот на Латинска Америка.
Додека Владата е обвинувана дека не презела доволно мерки за да го спречи ширењето на вирусот, потпретседателот Хамилтон Мурао, бранејќи ја Владата, вината ја стави на недостигот на дисциплина кај Бразилците со непочитување на мерките за физичко дистанцирање.
Сао Пауло, каде што живеат 46 милиони луѓе, е најпогодениот регион во земјата.
- Мексико -
Од Министерството за здравство на Мексико се вели дека во текот на изминатиот ден од последиците на вирусот починале 223 лица, со што бројот на починати се искачи на 67.781 лице.
Бројот на заразени во земјата се искачи на 637.509, при што во последните 24 часа се регистрирани 3.486 позитивни тестови.
Досега 446.715 лица се оздравени.
Првиот случај на коронавирусот во Мексико е регистриран на 28 февруари, а првиот смртен случај на 19 март.
Вирусот одзеде повеќе од 892.400 животи во 188 земји и региони, од неговото појавување во Кина во декември.
„Во светот се пријавени над 27,3 милиони случаи на заразување со Ковид-19, а бројот на оздравени надмина 18,16 милиони“, покажуваат податоците што ги објави американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.