Dmitri Chirciu
05 Декември 2020•Ажурирај: 06 Декември 2020
МОСКВА
Во Русија започна програмата за вакцинација против коронавирусот, а клиниките во Москва првенствено ќе ги вакцинираат оние што се најмногу изложени на ризикот од инфекција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Центарот за контрола и превенција на инфекцијата со коронавирусот соопшти дека масовната вакцинација против коронавирусот започнала во 70 клиники во Москва.
Првенствено ќе бидат вакцинирани граѓаните од ризичните групи на возраст од 18 до 60 години.
„Засега ќе можат да се вакцинираат вработените во институциите за здравје, образование и социјални работи. Луѓето што ќе добијат вакцина не би требало да имаат некое хронично заболување и не смеат да имаат инфекција на горните дишни патишта во последните две недели. Бремените жени и доилките не можат да бидат вакцинирани“, се вели во соопштението.
Во последните 24 часа во Русија се регистрирани 28.782 новозаразени, што е најголема бројка на заразени на дневно ниво, со што вкупната бројка на лица позитивни на коронавирусот се зголеми на 2.431.731.
Во истиот период од Ковид-19 починаа 508 лица, вкупно 42.684 лица од почетокот на пандемијата, а оздравеа 1.916.396 заразени.
Заводот за здравје и заштита на правата на потрошувачите објави дека вкупниот број на тестирања во Русија надминал 78,7 милиони, од кои 550.000 тестирања се спроведени во последните 24 часа.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, на 2 декември издаде наредба за започнување масовна вакцинација против Ковид-19 во земјата.
Неодамна започна производството на две вакцини против Ковид-19 од руско производство под имињата „Спутник V“ и „ЕпиВакКорона“.