Fuat Kabakcı
16 Април 2020•Ажурирај: 16 Април 2020
АНКАРА
Националната здравствена комисија на Кина (NCH) соопшти дека во изминатите 24 часа во таа земја не починало ниту едно лице заразено со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека во истиот период се забележани 46 нови случаи на зарази, од кои 34 се увезени од странство, додека 12 случаи на заразување се регистрирани кај лица во земјата.
Во Кина бројот на хоспитализирани е зголемен на 898, од кои 46 се наоѓаат во критична состојба.
Од болниците во Кина утринава се отпуштени уште 76 излекувани лица, додека бројот на увезени случаи се зголемил на 1.534.
Според последните информации, во Кина со Ковид-19 вкупно се заразени 82.341 лице, од кои починаа 3.342 заразени, а излекувани се 77.892 лица.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на вирусот кон Европа и САД.
Во светот се регистрирани над 2 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е поголем од 137.000. Речиси 512.000 пациенти се излекувани.