Elena Teslova
11 Мај 2020•Ажурирај: 12 Мај 2020
МОСКВА
Русија започнува со постепено излегување од карантин воведен поради ширењето на новиот вид на коронавирус (Ковид-19), најави денес претседателот на таа земја Владимир Путин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Суспензијата на работата завршува на 12 мај со одреднеи ограничувања, вклучувајќи забрана на масовни собири и задолжително почитување на санитарни правила, како носење маски и ракавици и одржување на социјална дистанца на јавните места“, изјави Путин во обраќањето на нацијата.
Покрај тоа, Русија ќе го удвои бројот на тестирања за да може дневно да направи 300.000 тестирања за дијагностицирање на вирусот во раните фази, период кога Ковид-19 е помалку заразен и на тој начин побрзо се лекува.
Путин исто така ѝ наложи на Владата да направи план на мерки за постепено обновување на различни бизнис сектори.
И покрај прилично острите мерки кои вклучуваат затворање на главниот град Москва, забрана за влез на странци и суспендираниот меѓународен воздушен сообраќај, Русија е моментално четврта земја во светот која е најмногу погодена од Ковид-19.
Во земјата веќе втора недела се детектираат 10.000 лица позитивни на Ковид-19 на дневна основа.
Во последните 24 часа позитивни на Ковид-19 биле 11.656 лица, со што вкупниот број лица кај кои е детектиран новиот тип на коронавирусот во Русија изнесува 221.344. Бројот на смртни случаи е зголемен за 95 и вкупниот број изнесува 2.009.