Elena Teslova
27 Април 2020•Ажурирај: 27 Април 2020
МОСКВА (АА) - Русија регистрира повеќе случаи на коронавирусот Ковид-19 отколку Кина, која беше почетниот епицентар на новиот вирус, соопштија денеска властите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во текот на изминатите 24 часа во земјата има 6.198 новозаразени со Ковид-19, со што вкупниот број на дијагностицирани случаи се зголеми на 87.147, што значи повеќе во однос на Кина која има околу 84.000“, беше соопштено од Тимот за вонредни состојби.
Речиси половина од новите случаи (2.871) се регистрирани во главниот град Москва, кој останува најтешко погоденото подрачје од вирусот во земјата.
Според извештајот на Тимот, дневниот раст на заразени со коронавирусот е намален и изнесува 7,66 отсто.
Бројот на починати се искачи на 794, со 59 нови смртни случаи во изминатите 24 часа, додека регистрирани се 579 излекувани лица, со што вкупниот број на оздравени лица од вирусот во земјата се искачи на 7.346.
Досега во Русија се спроведени над 3 милиони тестирања, со што се овозможува пронаоѓање на асимптоматски случаи кога болеста е помалку заразна и може побрзо да се излекува.
Вирусот, откако се појави во Кина изминатиот декември, се рашири во околу 200 земји и региони во светот.
Пандемијата во светот досега зеде над 206.600 животи, бројот на дијагностицирани случаи со вирусот изнесува над 2,98 милиони, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.