Bayram Altuğ
02 Април 2020•Ажурирај: 02 Април 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, даде песимистичка изјава во врска со новиот тип коронавирус Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција во седиштето на СЗО во Женева, Швајцарија, преку видео-конференција, Гебрејесус, рече дека во следните неколку дена ќе се достигне бројот од 1 милион потврдени случаи со вирусоот и 50.000 смртни случаи.
„Светот никогаш не се сретнал со ваква пандемија. Непознат и опасен вирус. Јас сум длабоко загрижен за брзото зголемување и ширењето на болеста глобално“, рече Гебрејесус.
Додаде дека вирусот е сè уште многу нов и дека продолжуваат секојдневно да учат за него. „Како што се развива еволуцијата на пандемијата, се појавуваат нови наоди и се развиваат нашите препораки.“
„Ова е прва пандемија во светот како резултат на коронавирусот“, рече Гебрејесус, додавајќи дека вирусот содржи многу непознати елементи.
Осврнувајќи се на тековните дискусии за употребата на маски за заштита од вируси ширум светот, Гебрејесус рече: „Во тек е дебатата за употреба на маски на ниво на заедница. СЗО им препорачува на пациентите, и на тие што се грижат за нив, да користат медицински маски. Во овие случаи, маските се ефикасни само кога се комбинираат со други заштитни мерки.“
Истакна дека случаите со Ковид-19 се релативно ретки во Африка и Јужна Америка, и додаде дека тие се свесни дека вирусот може да има сериозни социјални, економски и политички последици во овие земји.
Нагласувајќи дека во голем број земји треба да се намалат долговите со цел да се задоволат потребите на луѓето и да се спречи економскиот колапс, Гебрејесус на оваа тема упати повик до Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската Банка.
- Изјава во врска со месецот Рамазан -
Гебрејесус на прес-конференцијата одговараше на прашањата на новинарите.
Во однос на прашањето во врска со почетокот на месецот Рамазан на 24 април, кога стотици милиони муслимани започнуваат со постот и заедничкото изведување молитва (намаз), Гебрејесус рече: „Улогата на политичките и лидерите од бизнисот е многу важна и клучна во борбата против оваа пандемија. Но исто така многу значајна е и улогата на верските и лидерите на заедницата.“
Гебрејесус истакна дека како СЗО разговарале со владини претставници, политички лидери, деловни лидери, верски водачи и сите влијателни луѓе.
- „Добивме сериозна финансиска поддршка од земји како Саудиска Арабија и Кувајт“ -
Нагласувајќи дека ќе успеат во борбата против вирусот со поддршка на овие лидери, Гебрејесус рече: „Ако дојдеме до прашањето за Рамазан, земјите од Блискиот Исток прават сè од себе за да го минимизираат ширењето на вирусот. Ние ќе продолжиме да контактираме со нив.“
Повторувајќи дека имаат многу блиска соработка со земјите од Блискиот Исток во врска со Ковид-19, Гебрејесус рече дека моменталната соработка е многу успешна.
Тој исто така посочи дека добиле сериозна финансиска поддршка од земјите од Блискиот Исток како што се Саудиска Арабија и Кувајт.