Duygu Yener
22 Април 2020•Ажурирај: 23 Април 2020
АНКАРА
- Дујгу ЈЕНЕР
Во Болницата за обука и истражување на женски болести „Етлик Зубејде“ при Универзитетот за здравствени науки произведен е специјален штитник за лице наменет за новороденчиња како заштита од Ковид-19.
Директорот на болницата, проф. д-р Јапрак Устун, даде изјава за АА во врска со мерките за превенција што ги преземаат во институцијата против новиот тип коронавирус и за производството на визирите.

Потсетувајќи дека коронавирусот се пренесува по пат на контакт и преку водени капки што ги испуштаме при дишењето, проф. д-р Устун продолжи со зборовите: „Штитниците за лице на новороденчињата ги произведовме со цел да ги заштитиме од Ковид-19 бидејќи имунолошкиот систем не е во целост развиен кај новороденчињата. Ги произведуваме во нашата болница. Овие штитници обезбедуваат директна изолација од капките.“
Посочувајќи дека има лица што немаат симптоми на коронавирус, проф. д-р Устун истакна: „Имаме група мајки без симптоми. Во тој контекст, штитниците ќе обезбедат нашите бебиња побезбедно да ги започнат своите животи.“
- „Штитници им даваме и на мајките“
Истакнувајќи дека миењето раце е многу важен момент во односот мајка - бебе, проф. д-р Устун изјави: „При секоја активност на мајките со бебињата, при менувањето на пелените, при хранењето, при доењето, пред и по таа активност мора да ги измијат рацете во времетраење од најмалку 20 секунди. Штитниците од друга страна обезбедуваат респираторна изолација.“
Истакнувајќи дека во Болницата за обука и истражување на женски болести „Етлик Зубејде“ при Универзитетот за здравствени науки нема случаи на заразеност со новиот тип коронавирус, проф. д-р Устун изјави:
„Ковид-19 статусот постојано се следи кај трудниците и породените мајки во нашата болница. Преземајќи максимални превентивни мерки се трудиме да ги донесеме на свет новороденчињата. На сите новороденчиња и на сите мајки им ставаме штитници. Наша цел е медицинскиот персонал, новороденчињата и мајките да бидат максимално заштитени од вирусот. Во случај на сомнителен случај, формиравме сосема одделен дел во болницата, операциона сала и оддел за пораѓање. Ги преземаме сите превентивни мерки за да ги заштитиме трудниците и новороденчињата, размислувајќи дека е можно постоење на пациентки кои немаат симптоми, а се позитивни на Ковид-19.“
- „Мајките се задоволни од мерките во болницата“
Емине Деде Чајлак, која се породила по вторпат, изјави дека е многу среќна што на свет донела здраво дете и додаде: „Без разлика на сè, постои поинаква врска. Во исто време многу сум задоволна од мерките што се преземаат во болницата во насока на здравјето на моето бебе и на моето здравје.“
Фатахија Идирусу, професорка по англиски јазик со потекло од Гана, е една од мајките кои во своите прегратки го зеде своето новороденче. Идирусу истакна дека активноста на болницата за користење маски е многу важна, велејќи дека на сите мајки им влева чувство на сигурност.