Furkan Güldemir
28 Јули 2017•Ажурирај: 29 Јули 2017
САЈДА (АА) - На остров во близина на градот Сајда во Либан се одржа концерт откако местото беше исчистено од смет со поддршка на општината и една невладина организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Во јужниот дел на Либан, на островот Зири, во близина на крајбрежјето на Сајда, се одржа концерт откако островот беше исчистен од смет во рамките на проектот за општествена одговорност. Целиот проект беше поддржан од општината Сајда и од една невладина организација.
Концертот што го одржа оркестар составен од млади на средношколска и универзитетска возраст, предизвика воодушување кај публиката.
Камил Козбе, одговорен за организацијата на концертот, за АА изјави: „Одржувањето на концерот на овој остров има посебно значење. Овој остров е историско место каде што живеела старата култура на Сајда. Насобраниот смет со време ги оддалечи жителите на Сајда од ова симпатично место“.
Козбе истакна дека сметот од островот е отстранет благодарение на општината Сајда, со што посетителите повторно почнале да доаѓаат на ова место. „Со цел да направиме промоција на островот, го организиравме овој концерт. На тој начин, овој остров кој е чувар на историјата на Сајда, повторно ќе биде откриен од страна на жителите на Сајда“, рече организаторот на концертот.
На концертот којшто предизвика голем интерес кај Либанците, присуствуваа и неколкумина пратеници.
Улиците во Либан беа затрупани со отпад во 2015 година, по затворањето на стариот центар за собирање отпад. Тоа предизвика големи протести во земјата. За решавање на проблемот со сметот беа отворени нови центри за собирање смет, кои по реакциите од страна на активистите и поднесените тужби поради новосоздадените проблеми, повремено беа затворани, со што во земјата повторно се активираше проблемот со отпадот.
Како последно решение е отворањето на центарот за отпад во местото Коста Брава, кое се наоѓа во близина на аеродромот „Рефик Харири“ во Бејрут, но галебите кои се собираат на ѓубриштето станаа закана за воздушниот сообраќај.