СКОПЈЕ (АА) - Со отворањето на изложбите „Скопје – архиТРАНСформа“: „Архибелези“ на архитектите Јасминка и Екатерина Намичеви и „Concrete мemories“, фотографии на Матијас Шуман, Дрезден, Германија, во Музејот на Град Скопје завршија денешните активности со кои се одбележа 54. годишнина од катастрофалниот земјотрес што го погоди главниот град на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На изложбата „АрхиТРАНСформа-Аrchiбелези“ од архитектите Јасминка и Екатерина Намичеви, преку презентирани архивски документи, фотографии и реконструкции на градбите е направен преглед на училишните објекти во Скопје, изградени во периодот меѓу двете светски војни (1918-1941година).
Отворајќи ги двете спомнати изјави, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски рече дека 54. години од катастрофалниот земјотрес денеска граѓаните се потсетуваат на жртвите, на активизмот на преживеаните, на хуманоста, на штетите од моќта на природата, но и на модернизацијата и новиот почеток.
„Скопјани го паметата утрото во 5.17 минути на 26. јули 1963.година и прераскажуваат за стресот што го доживеале и за настраданите соседи и роднини но и за урнатините што зад себе ги оставил најсилниот потрес од серијата земјотреси. Вообичаено раскажуваат за 17 секунди тресење, за раскупаните ѕидови, за пустошот што го остави земјотресот, но и за тоа дека минатата година реката Вардар го претвори градот во езеро при најголемата поплава во современата историјат на градот Скопје.
Потсети дека во 1963 година за пустошот што го остави катастрофалниот земјотрес, брзо се прошири веста низ светската јавност а хуманоста на светот не изостана.
„Скопје го доби епитетот град на солидарноста и забрзано се развивва во модерна урбана средина. Петдеценискиот сон на Скопјани да се возобнови театарот и Офицерскиот дом се оствари пред неколку години со помош на Владата на Република Македонија", рече Трајановски и додаде дека по дожината на кејот на реката Вардар се изградени многу институции и спомен обележја кои зборуваат за историјата на Македонија.
Со низа информативни, едукативни и културни активности и манифестации денеска во Скопје се одбележува 54 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Во рамките на одбележувањето, официјални делегации и претставници на институции денеска положија цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес. Беше спроведена традиционалната крводарителска акција „За Скопје со љубов. Дарувај крв - биди хуман“ во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во организација на Црвениот крст на Град Скопје и Институтот за трансфузиона медицина.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и секретарот на Црвениот крст на Град Скопје Сузана Пауновска присуствуваа на проширениот капацитет на Пунктот за бездомници - Момин Поток.
Меѓудругото, под мотото „Скопје го слави животот“ на плоштадот „Македонија“ настапи Биг Бендот на Македонската радио и телевизија (МРТ), како и различни други музичари и уметници.
Катастрофалниот земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минити, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
news_share_descriptionsubscription_contact
