Selma Kasap,Kemal Karadağ
31 Август 2016•Ажурирај: 01 Септември 2016
АНКАРА (АА) - На денешниот настан по повод тестирањето на новото метро во месноста Кечиорен, Анкара, премиерот Бинали Јилдирим одржа говор во кој истакна дека денешниот ден е голем ден за Кечиорен и неговите граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој напомена дека долгоочекуваниот проект е токму на крајот од својата реализација и додаде дека изградбата на метрото во Кечиорен е започната пред многу години. Тогаш градоначалникот на Анкара ја започнал и изградбата на метро на релацијата Кизилај – Чајоглу и Синџан – Батикент.
- „Вљубените млади нека најдат друг транспарент“ -
Алудирајќи на една вест објавена во весник, во која се вели: „Љубов моја, нашата љубов никогаш да не престане, нека продолжи да трае, како изградбата на метрото во Кечиорен нека биде“, Јилдирим додаде: „Сега овие млади нека не се растажуваат, нека си најдат нов транспарент. Изградбата на метрото во Кечиорен завршува, но нивната љубов нека не заврши, нека трае. Од овде, метрото го продолжуваме за 27 километри. Нека е со среќа. Од Културниот центар – Ататурк до Кизилај додаваме уште 3,5 километри. Нека е за арно и убаво“.
Нагласувајќи дека со завршувањето на метрото во Кечиорен, железничкиот сообраќај во Анкара ќе опфаќа 64 километри, Јилдирим додаде: „Со речиси 60 станици, патувањето од Кечиорен до центарот на Анкара повеќе нема да биде измачување. За 15 – 20 минути со задоволство ќе пристигнувате до центар. Без метеж во сообраќајот, без мачење по топлото време, без измачување, патувањето ќе се претвори во уживање. Ова ѝ доликува на Анкара, ова го заслужувате вие. Нели вие бевте оние што на 15. јули стоеја исправено пред предавниците. Кечиорен, вам ова ви прилега, најдобрите услуги ви прилегаат. Нека е за добро“.
- „Станицата на загинатите херои“ е првата станица на метрото -
Јилдирим потсети дека со експресен воз може да се патува до Истанбул, Ескишехир, Билеџик и до Коња, и најави дека во 2019 година ќе може да се патува со брз воз и до Сивас, за само 2 часа, а брз воз ќе има и до Јозгат и до Кириккале.
Премиерот потенцираше дека со брз воз ќе се патува и до Измир, Бурса, Кајсери, и додаде дека на ваков начин 55% од населението во 15 града во Турција со брзи возови ќе биде поврзано со Анкара. „Ова ѝ доликува на партијата АК“, додаде тој.
Премиерот Јилдирим изјави дека досегашното име на првата метро-станица во Кечиорен било „Казино“. При разговор со градоначалникот на Анкара, Мелих Ѓокчек, тој му предложил името на станицата да биде „Станицата на загинатите херои“. „Во Кечиорен го овековечуваме името на жртвите, веќе првата станица на метрото ќе се вика ‘Станица на загинатите херои’“, нагласи тој.
- „Активностите ќе продолжат сѐ додека не запрат заканите“ -
По говорот во кој им се обрати на жителите на Кечиорен, премиерот Јилдирим одговараше на новинарски прашања.
Во врска со операцијата „Штитот на Еуфрат“, Јилдирим изјави: „Сѐ додека не бидат отстранети сите елементи на терор и не престане заканата кон нашата територија, нашите граници и кон граѓаните, ќе продолжиме со активностите. ПЈД и ЈПГ се продолжена рака на ПКК. Само имињата си ги менуваат. Тоа се истите луѓе. Овие се терористички организации кои ѝ прават штета на Турција. Затоа ние сме решителни во нашата одлука: тие мораат да заминат на исток од реката Еуфрат, од каде што доаѓаат. Во врска со ова, САД многупати имаат земено обврска. Во таа насока не очекуваме никаква промена“.
- „Ниедна терористичка организација нема да опстане тука“ -
Нагласувајќи дека сите терористички организации се на заповед на еден ист ум, Јилдирим рече: „ФЕТО замина, сепаратистичката терористичка организација дојде. Кој сака нека дојде, против вас има 79 милиони граѓани кои исправено ви се спротивставуваат. Сѐ додека овој народ си ја брани својата територија, ниедно зло, ниедна терористичка организација нема да опстане на овие простори. Додека од една страна се бориме со злата што ни ги нанесуваат ФЕТО, ДАЕШ, ПЈД, ЈПГ, од друга страна, пак, чувствуваме гордост исполнувајќи ги кон вас, народот, обврските што насушно ги очекувате. Додека во светот има глобална криза, ние го отворивме и во погон го ставивме 4. најголем мост во светот, мостот „Османгази“. На Турција ова ѝ доликува. Проектите зборуваат, партијата АК гради. Од Бурса до Истанбул веќе се стигнува за 45 минути.
Во врска со почетокот на тековната „судска година”, Јилдирим рече:
„Уште еднаш се обраќам до претседателот на Адвокатската комора и до почитуваниот Киличдароглу и ги поканувам оваа церемонија, наместо во некој хотелски салон да ја направат во најпрестижната државна институција. Ова е многу попаметна и поправилна одлука, јас така размислувам. Бештепе е место на народот. Не е ничие приватно место, па според ова, административните потреби на граѓаните таму може најдобро да се извршуваат.