Mustafa Melih Ahıshalı
09 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот верски лидер, ајатолахот Хамнеи, го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека направил голема грешка со повлекувањето на Соединетите Американски Држави (САД) од меѓународниот Договор за иранската нуклеарна програма, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сите го слушнавте синоќа простиот и глупав говор на претседателот на САД. Тој кажа повеќе од десет лаги и му се закани на иранскиот режим и народот. Во името на иранскиот народ му порачувам дека прави голема грешка“, изјави ајатолахот Хамнеи во денешното обраќање на техеранскиот Универзитет „Ferhengiyan“.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа најави дека САД дефинитивно ќе излезат од меѓународниот Договор за иранската нуклеарна програма и најави обновување на острите санкции врз Техеран.
Веднаш по објавувањето на одлуката на Трамп, иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Договорот ќе остане во сила со напорите на останатите пет земји-потписнички.
Членовите на иранскиот Парламент на утринската седница во знак на осуда на одлуката на Трамп го запалија американското знаме и текстот на меѓународниот Договор, а претседателот на иранскиот Парламент, Али Лариџани, изјави дека повлекувањето од Договорот покажува дека Трамп нема интелектуален капацитет да ги реши проблемите.
Договорот за иранското нуклеарно прашање во 2015 година го потпишаа делегациите на Иран и групата П 5+1, односно делегација од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија.