?kipa
09 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
ПАРИЗ (АА) - Франција порача дека иранскиот нуклеарен договор не е мртов, и покрај повлекувањето на САД, истакнувајќи дека европските земји ќе одржат разговори со Иран, со цел изнаоѓање начин за да го одржат Договорот во живот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Жан-Ив ле Дриан, францускиот министер за надворешни работи изјави дека „ризиците од судири се реални“, по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД се повлекуваат од меѓународниот договор со Иран.
Ле Дриан истакна „подготвени сме да работиме на проширување на Договорот“, кое би се занимавало со загриженоста на Трамп во врска со Договорот потпишан во 2015 година, чија основна цел беше ограничување на иранските нуклеарни амбиции.
Францускиот шеф на дипломатијата во понеделникот, заедно со својот британски и германски колега разговараше со иранските претставници, околу преземањето на следните чекори.
„Airbus“ (Ербас), „Renault“ (Рено) и многу други француски и европски компании би се нашле во критична положба доколку се раскине Договорот, бидејќи тие продолжија да работат со Иран по потпишувањето на Договорот во 2015 година, по кој се укинати меѓународните санкции во замена за ограничување на иранските нуклеарни активности.
Емануел Макрон, претседателот на Франција, свика специјален безбедносен состанок, на кој тема се тензиите на Блискиот Исток. Се очекува во наредните часови францускиот претседател да разговара и со иранскиот претседател Хасан Рухани.