Sinan Uslu
03 Април 2018•Ажурирај: 04 Април 2018
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган по состанокот во Анкара со претседателот на Русија Владимир Путин рече дека неговата земја и Русија делат иста загриженост во врска со многу прашања за војната во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во овој момент делиме иста загриженост со руските пријатели за многу темелни прашања во Сирија. Веруваме дека е важно иднината на Сирија да не им биде препуштена на терористичките организации како ДЕАШ, ЈПГ и ПЈД. Во тој контекст ја продолжуваме соработката во согласност со заедничките интереси", рече Ердоган на конференцијата за медиумите, по повод 7. состанок на Советот за соработка на високо ниво помеѓу Турција и Русија и церемонијата на потпишување на билатералните договори.
Истакна дека во наредниот период е можна дополнителна соработка со Москва во уште некои области од наменската индустрија.
„Можна е соработка и во други области во наменската индустрија. Веќе видовме дека руските компании се отворени за таква соработка", рече Ердоган.
Нагласи дека трговската размена помеѓу Турција и Русија надмина 22 милијарди долари, додавајќи дека целта е таа да достигне 100 милијарди долари.
На новинарско прашање за купување на ракетни системи за воздушна одбрана S-400 од Русија, Ердоган истакна дека тоа е сопствена одлука на Анкара.
„Кога станува збор за ракетните системи S-400, тоа е во потполност одлука на Турција. Нашиот ценет пријател, Русија, позитивно одговори на нашето барање за тоа прашање. Потоа следуваше меѓусебен договор. Ние во однос на прашањето за S-400 постигнавме договор и таа страница е затворена. Тоа е завршено прашање. Сега сме во процес на производство. Русија искажа јасна искреност и за прашањето на порана испорака на ракетните системи", рече Ердоган.
Рускиот претседател изјави дека Русија и Турција се усогласиле да го скратат периодот на испорака на ракетните системи за воздушна одбрана S-400.
„Нашите турски партнери бараа да биде скратен периодот за испорака на системот S-400 и ние позитивно одговоривме на тоа. Ние ќе го забрзаме производството, а постигнавме договор и што се однесува до цените. Кога станува збор за заедничко производство и извозот на технологија, тоа не е прашање на доверба ниту прашање на политичките односи. Тоа е во потполност трговско прашање. Тоа прашање го решаваат компаниите", рече Путин.
Додаде и дека во рамките на проектот Турски тек наскоро ќе започне и изграда на линијата на копно.
„Во рамките на проектот Турски тек во море ќе бидат изградени две одделни линии. Наскоро ќе почнеме со изградба на линијата и на копно", рече Путин.
Нагласи и дека соработката помеѓу Русија и Турција во областа на нуклеарната енергија денеска е зголемена на уште повисоко ниво, потсетувајќи дека заедно со турскиот претседател Ердоган во турскиот град Мерсин свечено е положен камен темелник за изградба на првата турска нуклеарна централа Акују.
Напомена дека Москва има намера да ја продлабочи соработката со Турција и во другите области како што се индустрија на железо и челик, автомобилската индустрија, финансиите, земјоделството, иновациите, накуите и технологиите.
Рускиот претседател во вторник допатува во Анкара каде утре ќе присуствува на трилатералниот самит на Турција, Русија и Иран, а тема е кризата во Сирија.