АНКАРА (AA) – Припадникот на терористичката организација ФЕТО Кемал Батмаз, кој Државното обвинителство во Анкара уште во текот на 2016 година го идентификуваше како втор во хиерархиската низа лидери во неуспешниот обид за воен удар на ФЕТО, и покрај бројните докази и видеоснимки што ја потврдуваат неговата вмешаност во обидот за пуч, пред судот упорно негираше дека е член на терористичката организација ФЕТО и дека има врски со обидот за пуч од јули 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражните органи на Турција собраа бројни докази, документи, признавања и информации кои недвосмислено покажуваат дека зад неуспешниот воен удар од 15 јули 2016 година во Турција стои терористичката организација ФЕТО.
Бројни турски војници во исказите признаа дека од студентските денови се поврзани со терористичката организација ФЕТО и дека обидот за пуч е изведен по наредба на лидерот на таа организација, Фетула Ѓулен. Но бројни припадници на ФЕТО, и покрај непобитните докази, се водат од стратегијата за негирање вмешаност во обидот за пуч и ги отфрлаат сите обвиненија.
- Кемал Батмаз ја негираше вмешаноста во обидот за пуч
Кемал Батмаз е поранешен директор на компанијата „Kaynak Kagit AS“, а уапсен е во воената база во Анкара заедно со припадникот на ФЕТО Хакан Бинес, непосредно откако обидот за пуч на 15 јули 2016 година е задушен.
Батмаз својот престој во воената база „Акинџи“ го правдаше со наводите дека го разгледувал земјиштето, односно дека Харун Биниш, кој имал одреден износ пари, барал помош во купување недвижности.
Во извештајот кој Обвинителството го објави се наведува дека Батмаз, заедно со Адил Оксуз, познат и по називот „ФЕТО-имам на воздушните сили“, од истанбулскиот аеродром „Ататурк“ на 11 јули отпатувале во САД, каде што престојува лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, а потоа се вратиле во Турција два дена подоцна, непосредно пред обидот за воен удар.
Батмаз се обвинува дека заедно со пребегнатиот Адил Оксуз раководел со обидот за пуч од воздухопловната база „Акинџи“.
Во врска со видеозаписите на кои може да се види дека бил истовремено со Оксуз на аеродромот „Ататурк“, Батмаз на суд рече дека се работи за случајност.
Исто така, на суд изјави дека во близина на воздухопловната база престојувал со Харун Биниш, со кој „гледал земјиште кое планирал да го купи“.
Во врска со обвинението дека се „состанал со лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, и го потврдил планот за пуч“, Батмаз одговори: „Ниту влегов во Пенсилванија, ниту нешто потврдив, ниту во врска со тоа добив некаква наредба. На состаноците за кои се зборува дека се одржани, не присуствував“.
Батмаз во Обвинителството рече дека лидерот на ФЕТО, Ѓулен, го познава од медиумите и дека со него никогаш не се состанал.
- САД ѝ ги испратија документите на турската полиција
Министерството за внатрешна безбедност на САД на 8 септември на турската полиција ѝ ги испрати документите со изјавата на Кемал Батмаз, кои укажуваат дека неговите тврдења за тоа дека не го познава Фетула Ѓулен, не се точни.
Документите што ги испрати американското Министерство, Државното обвинителство во Анкара ги испрати до судот како доказен материјал, а во рамките на судскиот процес во врска со случувањата во воздухопловната база „Акинџи“, која беше централа на пучистите за време на планирањето и раководењето со пучот.
Во документите, меѓу другото, се наоѓа и изјавата на Кемал Батмаз кој на 1 јануари 2016 година е сослушан на аеродромот „Њуарк“, во сојузната држава Њу Џерси.
Кај Батмаз, за кој е утврдено дека многу често патувал во САД, пронајдени се 7.000 долари, за кои е прашан каде планира да ги троши.
Одговорил дека тие пари ќе ги троши во текот на престојот во САД, дека ќе го пречека пријател по име Исмаил Челик, потоа една ноќ ќе престојува во хотелот „Ривиера“, а потоа со пријателот по име Јавуз Улусој ќе престојуваат со „Мухамед Фетула Ѓулен“.
Еден од највпечатливите докази дека ФЕТО се обидел да го изведе пучот е изјавата на тогашниот началник на Генералштабот на Вооружените сили на Турција, армискиот генерал Хулуси Акар, кој пучистите го заробиле ноќта на 15 јули.
Акар изјави дека ноќта за време на обидот за пуч, додека е држен како заложник, бригадниот генерал Хакан Еврим, кој бил на страната на пучистите, рекол дека доколку сака „може да организираме да стапите во контакт со нашиот идеен лидер Фетула Ѓулен“. Акар на тоа одговорил дека со никого нема да разговара.
- Офицер за врска константно го прислушкувал началникот на Генералштабот
Левент Туркан, офицер за врска на началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Турција, армискиот генерал Хулуси Акар, кој е уапсен по обидот за државен удар во Турција, призна дека е припадник на „паралелните структури“ и дека без приговор ги извршувал наредбите на структурите на терористичката организација ФЕТО, како и дека константно го прислушкувал и снимал началникот на турскиот Генералштаб.
Тој во својата изјава рече дека од „аби“ (надреден во рамките на ФЕТО) добил уред за прислушкување со кој ги шпионирал поранешниот началник на Генералштабот, Неџдет Озел, и Хулуси Акар, како и дека еднаш неделно на „аби“ му ги доставувал снимките.
Туркан, исто така, откри дека во 1989 година одлучил да учи средно воено училиште и дека луѓе од ФЕТО вечерта пред приемниот испит му донеле прашања и одговори. Рече дека прашањата му ги донел човек по име Сердар, и дека му ги предал во еден стан во Бурса.
„Член сум на „паралелните структури“ и џемат на Фетула Ѓулен. Началникот на Генералштабот, Неџдет Озел, константно го прислушкував. Користев уред за прислушкување, таканаречен радио, кој има големина како врв од прст. Секое утро го ставав во канцеларијата на началникот, а навечер го земав. Уредот имаше своја меморија и можеше да снима помеѓу 10 и 15 часа. Тоа го добив од „аби“, кој работеше во „Турк Телеком“, не се сеќавам на неговото име. Уредот ми го даде во неговата куќа. Куќата му беше во Инџек, кон Алаџатли. Кога би отишол таму би можел да ја пронајдам неговата куќа. Ми го даде уредот и нареди да го прислушкувам началникот на Генералштабот. За организирање на државниот удар дознав на 14 јули околу 10 часот“, рече Туркан.
- „ФЕТО е една од најголемите криминални организации“
Кемал Ишикли, еден од командосите кои имаа задача да изведат атентат на државните функционери, во изјава рече: „На предавањата во заедницата на Фетула Ѓулен ми понудија да бидам еден од главните, старешина, и така започнав контакт со командосите“. Призна дека со ФЕТО се запознал во 1997 година додека одел на настава во установата „Сабах“ во градот Коња.
Хасан Бекташ, член на ФЕТО, кој во својата единица на жандармеријата беше задолжен за верски прашања, во текот на истрагата призна дека, како што рече, „ФЕТО е една од најголемите криминални организации“.
Уште еден доказ дека зад обидот за пуч стои ФЕТО е изјавата на Фатих Џелаледин Сагир, бригаден генерал во Сивас, кој изјави дека би бил поставен за командант во Сивас доколку пучот вродил со плод. Во изјавата, исто така, призна дека со ФЕТО се запознал во период од 1988 до 1992 година.
Исто така, Ебубекир Басел, обвинител при Државниот совет, во текот на истрагата призна организирање на приврзаниците на терористичката организација ФЕТО во рамките на судските структури во Турција.
Терористичката организација ФЕТО/Паралелна државна структура (ФЕТО/ПДЈ) во седумдесеттите години од минатиот век започна да ги инфилтирира своите поданици во безбедносните институции на Турција, за да ги зајакне значително своите паралелни пирамиди во рамките на тие институции во осумдесеттите години и на 15 јули 2016 година да го изведе неуспешниот обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција.
Во текот на обидот за воен удар во Турција убиени се 251 лице, а ранети околу 2.200 лица. Турските надлежни институции започнаа опсежна борба против таа терористичка организација, на чие чело е Фетула Ѓулен.
news_share_descriptionsubscription_contact
