Mahmut Atanur
04 Октомври 2018•Ажурирај: 05 Октомври 2018
ПАЛУ (АА) - Иако поминаа шест дена од разорниот земјотрес кој го погоди индонезискиот остров Сулавеси, под урнатините сè уште се наоѓаат илјадници лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Бројот на жртвите во земјотресот и цунамито се зголеми на 1.424, а на подрачјето на Петобо и Балароа се срушени над 3.000 куќи, под чии урнатини сè уште се наоѓаат илјадници.
Официјалните претставници на овие две подрачја досега извлекоа околу 150 тела, а сè уште немаат точен податок уште колку има под урнатините.
По земјотресот во Петобо дојде до поместување на тлото па некои куќи завршија и 300 метри од локацијата на која се изградени.
Арден Латанрату (55), жител на Петобо, за АА изјави дека земјотресот се случил во време кога одел кон џамијата на молитва.
„Трчав кон куќата која не ја најдов на местото каде што беше претходно. Се наоѓаше 300 метри подалеку. Сопругата се спаси, но загинаа ќерка ми и внук ми“, раскажа Латанрату.
Деветгодишната Раџа Аган и петгодишната Анабел Аган, заедно со нивниот чичко, чекаат спасувачките екипи од под урнатините да го извадат телото на мајка им.
Чичкото Хенгки Перусу изјави дека мајката работела во продавница во Петоба.
„По земјотресот немавме никаква информација за неа. Кога дојдовме тука видовме урнатини. Оттогаш па до денес доаѓаме тука секој ден“, раскажа Перусу.
Децата слушнаа дека телата се наоѓаат под урнатините и заради тоа доаѓаат секој ден.
Чандра од Агенцијата за спасување, изјави дека во првиот дел од потрагата под урнатините извлекле околу 60 тела и сè уште работат на тоа. Тој нагласи дека акциите не се одвиваат лесно.
Последните податоци на индонезиската Агенција за катастрофи покажуваат дека бројот на жртвите од земјотресот и цунамито се зголемил на 1.424.
Катастрофата го погоди градот Палу и околното подрачје во Централен Сулавеси минатиот петок. Подрачјето прво го погоди силен земјотрес со магнитуда од 7,5 степени, а потоа и цунами.