Erbil Başay
25 Јуни 2016•Ажурирај: 26 Јуни 2016
БЕРЛИН (АА) - Министрите за надворешни работи на шестте земји основачи на ЕУ остварија средба во Берлин, по излезот на Велика Британија од Европската унија (ЕУ), таканаречен Брексит, јавува Anadolu Agency (AA).
Средбата ја остварија министерот за надворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, министерот за надворешни работи на Франција, Жан Марк Ајралт, министерот за надворешни работи на Холандија, Белт Хендерс, министерот за надворешни работи на Италија, Паоло Џентилони, министерот за надворешни работи на Белгија, Диди Рејндерс и министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Асселборн.
„Не можеме да работиме како да ги имаме сите спремни одговори. Не смееме да паднеме во депресија по одлуката на Велика Британија ”, изјави Франк Валтер Штајнмаер, министерот за надворешни работи на Германија пред состанокот и додаде дека денес на состанокот ќе се разменат мислења и дека земјите кои останаа во ЕУ по Брексит ќе ја покажат волјата за зајакнување на ЕУ.
Тој истакна дека е потребно да се пронајдат решенија за мигрантската криза, и да се решат одредени прашања на полето на безбедност и вработување на младите.
На прашањето да искоментира одредени критики поради ваквиот начин на средба на министрите за надворешни работи на шестте земји основачи, Штајнмаер изјави дека вчера во Луксембург се сретнал со министрите за надворешни работи на 28 земји членки, а дека во наредните денови повторно ќе се состане со колегите.
Министерот за надворешни работи на Германија, Штајнмаер, изјави дека германската канцеларка Ангела Меркел, во понеделник ќе се сретне во Берлин со претседателот на Франција, Франсоа Оланд и премиерот на Италија, Матео Ренци. Исто така најави низа на слични состаноци во наредните денови.