Hakan Ceyhan Aydoğan
15 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
ПЕКИНГ (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не испраќала оружје на ЈПГ, воениот огранок на терористичката организација ПКК во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние не им испраќаме оружје. На нив тоа и не им е толку потребно бидејќи имаат други извори кои тоа им го доставуваат", рече Путин по завршувањето на службената посета на Пекинг и учество на форумот „Појас и пат за меѓународна соработка".
Истакнувајќи дека курдските групи се важен елемент во Сирија, Путин рече дека смета оти има право за одржување контакти со нив во контекст на запирање на судирите во таа земја.
„Мислам дека тука нема причина за загриженост на официјална Анкара“, рече Путин.
Путин во оваа пригода рече дека воспоставувањето слободна зона без конфликти во Сирија, која беше постигната на преговорите во Астана, е важен чекор напред во спроведувањето на примирјето, што беше договорено кон крајот на минатата година во таа земја.
„Во моментов е важно да се зачува примирјето и да се создадат услови за политички договор. Доколку ситуацијата на теренот е во согласност со тоа сценарио, можеме да кажеме дека ја постигнавме целта", рече Путин.
Нагласувајќи дека без примирје во Сирија не е можно да се зборува за политичко решение, Путин рече дека во врска со деталите од тој договор ќе бидат продолжени преговори на воено ниво во Анкара и со сириската делегација.