Michael Hernandez
16 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
ВАШИНГТОН (AA) - Американскиот Стејт Департмент денеска соопшти дека режимот на Башар ал-Асад во затворот Сајднаја во Сирија убил илјадници лица и нивните тела ги запалил во крематориум, јавува Anadolu Agency (AA).
Стујарт Џонс, в.д. помошник на државниот секретар за Блискоисточни работи, рече дека режимот на Асад изврши масовни егзекуции на затвореници во спомнатиот затвор кој се наоѓа во близина на Дамаск.
Истакна дека силите на Асад обесиле илјадници луѓе во тој затвор, дури и по 50 затвореници дневно. Додаде дека во затворот е инсталиран крематориум во кој се запалувани телата на жртвите.
„Веруваме дека изградбата на крематориуми е обид да се прикрие обемот на убиствата во затворот Сајднаја. Доколку имате толкаво ниво на на масовни убиства тогаш употребата на крематориум му овозможува на режимот да се носи со толкав број на безживотни тела", рече Џонс.
Истакна дека телата од жртвите се закопуваат и во масовни гробници.
Од Стејт Департментот на новинарите им понудија поткрепени докази, како што рекоа, со неодамна откриените фотографии кои се снимени во период од 2013 до 2017 година. На фотографиите наводно се гледа дека објектот во затвор е пруреден во крематориум.
На прашањето зошто САД дури сега објавуваат докази, Џонс рече дека ова е прилика да се потсетат луѓето на обемот на злосторствата кои се прават во Сирија.
„Сега е прикладен момент да ги потсетиме луѓето за злосторствата кои цело време се вршат во Сирија", рече Џонс, додавајќи дека е ова јасен доказ.