ИСЛАМАБАД/РИЈАД (АА) - Лидерите од светот денес упатија честитки до турскиот народ и раководството на Турција по повод 95-тата годишнина од Денот на републиката, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пакистанскиот претседател и премиерот денес упатија честитки по повод годишнината од основањето на Републиката.
„29 октомври 1923 година е епохален момент во аналите на историјата, кога големиот турски народ го започна својот одлучен марш со обновена енергија по патот на развојот и просперитетот“, истакна пакистанскиот претседател Ариф Алви во соопштението.
Алви нагласи дека денот ја симболизира славната борба на Турција, додавајќи: „За муслиманите од потконтинентот што се бореа за независна татковина, херојскиот турски став беше и енергичен и инспиративен.“
Тој, исто така, ја потврди историската солидарност на Пакистан со Турција, и рече дека двете братски земји ќе продолжат да стојат рамо до рамо во годините што доаѓаат.
Пакистанскиот премиер Имран Кан во пораката по повод Денот на Републиката во Турција, истакна: „Во име на народот и Владата на Пакистан, и во мое име, ми претставува огромно задоволство да им ја честитам на народот и на раководството на Турција 95-тата годишнина на Денот на Републиката.“
Тој додава дека историското прогласување на Турција како република го означи развигорувањето на нацијата која одбиваше да се поклони на силите на колонијализмот и империјализмот.
Повикувајќи се на силните историски врски меѓу двете земји, Кан рече: „Задоволство ни е што нашите предци застанаа заедно со нивните турски браќа и сестри за време на нивната национална борба. Нашите турски браќа, исто така застанаа на наша страна, во време на секој наш предизвик и тешкотија.“
„Ова наследство на заемна поддршка произлегува од длабоко врежаното и грижливо негувано пријателство вкоренето во заедничкото ценење на историјата, религијата и културата“, истакнува Кан.
Тој го поздрави напредокот на Турција под нејзиното сегашно раководство и истакна дека „Турција направи бројни чекори на различни полиња, а пакистанско-турското неспоредливо пријателство доби сила и суштина.“
- Саудискиот крал и престолонаследникoт со честитки до Ердоган по повод Денот на Републиката -
Честитки до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по повод 95-годишнината од основањето на Турската Република, денес стигнаа и од саудискиот крал Селман бин Абдулазиз и принцот Мухамед бин Селман.
Според саудиската државна новинска агенција СПА, во две посебни телеграми до турскиот претседател, саудискиот крал и престолонаследникот им посакаа добро здравје и среќа на Ердоган, на државниот врв и на турскиот народ, како и непрекинат прогрес и просперитет.
И кралот на Кралството Бахреин, Хамад ибн Иса ел Калифа и премиерот на оваа островска држава, Калифа бин Салман Али Калифа, упатија телеграми со честитки до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по повод 29 Октомври.
Во телеграмите, кралот и премиерот на Бахреин, упатувајќи ги своите најискрени честитки до претседателот на Турција, Ердоган, до власта и народот на Турција, по повод 29 Октомври - Денот на Републиката, им посакаа здравје и среќа
Официјалното прогласување на Турската Република од страна на Мустафа Кемал Ататурк се случи на 29 октомври, 1923 година, кога беше објавен статусот на република.
Потоа, во Големото народно собрание се одржа гласање на кое Ататурк едногласно беше избран за прв претседател на Република Турција.
Оттогаш, Турција секоја година го одбележува Денот на Републиката на 29 октомври.
news_share_descriptionsubscription_contact
