Halit Süleyman
15 Јануари 2017•Ажурирај: 16 Јануари 2017
ДАМАСК (АА) - Во напад на силите на режимот врз местото Дејр Канун, во покраината Вади ал-Барада во Сирија, загинаа 12, а ранети се 20 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Член на Комитетот за локална координација на Сирија, Јусуф ал-Бустани, за АА рече дека режимските тенкови отвориле оган врз цивили собрани пред свадбен салон.
Бустани истакна дека некои од повредените се во критична состојба.
Според него, режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад со тешко наоружување го крши примирјето.
„Режимот и силите на Хезболах во подрачјето на Вади ал-Барада секојдневно го кршат примирјето постигнато на 30 декември. Странски терористи секој ден во различни области го кршат примирјето. Денес, тенкови нападнаа свадбен салон во којшто се наоѓаа цивили кои избегаа од судирите“, рече Бустани.
Хезболах, поддржан од Иран, и војската на Асад продолжуваат со нападите и со тоа го кршат примирјето, кое со посредство на Турција и Русија стапи на сила на 30 декември.
Водоводната инфраструктура во долината Ал-Барада беше цел на напади од страна на Хезболах на 27 декември. Хезболах ги спречи руските инженери да влезат во подрачјето со цел да ги направат потребните поправки.
Долината од центарот на Дамаск е оддалечена 16 километри, а од либанската граница 12 километри. Сиријците, кои бројат меѓу 80 и 100.000, бегајќи од судирите се сместени на подрачје од 12 квадратни километри.
Од 13 села во долината Ал Барада опкружени со планини, десет се наоѓаат под контрола на опозицијата.