Halit Süleyman
13 Септември 2016•Ажурирај: 14 Септември 2016
АЛЕПО (АА) - Најмалку 34 лица загинаа на првиот ден од Курбан Бајрам во воздушни напади што ги извршија руските воени авиони и авиони на војската лојална на сирискиот претседател Башар ал Асад на позициите што се наоѓаат под контрола на сириската опозиција, јавува Anadolu Agency (АА).
Во вчерашното бомбардирање во околината на Дамаск, животот го загубија 15 лица, во Идлиб 14, Хомс и Дера две лица и во Алепо едно лице, се наведува во пишаното соопштение на Сириската мрежа за човекови права (SNHR).
Се наведува дека меѓу загинатите се наоѓаат четири деца и две жени и дека на првиот ден од Бајрам, руските и режимските сили интензивно ги нападнале Идлиб, Алепо, Дамаск и Источна Гута.
Официјален претставник на Цивилната одбрана, Ариф Али во разговор со новинар на АА истакна дека Русија и сириската војска со воени авиони го нападнале Идлиб и околината во попладневните часови, пред примирјето да стапи на сила.
„Откако авионите на сириската војска го гаѓаа местото Марет ел Масрин, на североисточниот дел на Идлиб, екипите на цивилната заштита до доцна синоќа ги извлекуваа повредените од урнатините“, изјави Али.
Вчера, на 12 септември, во Сирија стапи на сила примирјето што претходно го најави американскиот државен секретар Џон Кери. Тој, минатата недела, зборувајќи на заедничката конференција со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, по разговорот во Женева, истакна дека примирјето во Сирија ќе настапи во понеделник, 12 септември.
Американскиот државен секретар го нарече пресвртница примирјето во Сирија, додавајќи дека верува, заедно со Русија, дека во Сирија ќе биде намалено насилството и ќе биде продолжено движењето кон мировните преговори и кон политичка транзиција.