Ekipa
08 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека се пребројани сите гласови од вториот круг на претседателските избори кои вчера се одржаа во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
На веб страната на министерството се наведува дека победник на изборите е Емануел Макрон со освоени 66,06 отсто од гласовите, додека неговата противкандидатка Марин Ле Пен, имаше 33.94 отсто од гласовите.

Официјалните податоци покажуваат дека 25,38 отсто од гласачите не ја искористиле својата граѓанска должност.
Околу 6,34 отсто од гласачите пуштиле празни гласачки ливчиња.
Резултатите покажуваат дека Макрон го поддржале вкупно 20.703.694 гласачи, додека Ле Пен 10.637.120 граѓани.
Уставниот совет на Франција официјалните резултати ќе ги објави на 10 мај.
Откако ќе бидат објавени официјалните резултати, Макрон би требало на 14 мај и официјално да ја преземе должноста од сегашниот француски претседател Франсоа Оланд.
Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер и канцеларката Ангела Меркел му ја честитаа победата на Макрон.
Портпаролот на германската влада, Стефен Сеиберт рече дека Меркел и Макрон разговарале телефонски, и дека канцеларката му честитала на тоа што во текот на изборната кампања бил поборник за обединување на Европската Унија (ЕУ) и отворање кон светот.
Сеиберт истакна дека Меркел изразила задоволство по повод идната соработка којашто ќе се заснова на довербата со новиот претседател во согласност со традиционално блиското германско-француско пријателство.