Sultan Çoğalan
19 Октомври 2016•Ажурирај: 19 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Организацијата за исламска соработка (ОИС) денес ја прогласи организацијата поврзана со обидот за пуч во Турција на 15 јули, за терористичка организација, потврди министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ѝ се заблагодаруваме на Организацијата за исламска соработка за покажувањето солидарност преку разбирањето на нашите чувства и прогласувањето на ФЕТО за терористичка организација“, објави Чавушоглу на својот профил на Твитер и го опиша овој потег на ОИС како значаен.
Парламентарната унија на ОИС, на вчерашниот состанок во главниот град на Узбекистан, Ташкент, ги осуди сите форми на тероризам во заедничка декларација.
Телото по состанокот издаде декларација изразувајќи ја својата солидарност со Турција во борбата против тероризмот.
Минатата недела, министрите за надворешни работи на земјите-членки на Советот за соработка на земјите од Заливот го прогласија ФЕТО за терористичка организација и ја нагласија својата поддршка за неодамнешните потези на турската Влада против оваа терористичка мрежа.
Основана во 1969 година, ОИС, со моментално членство на 57 земји, е меѓународна организација којашто работи со цел да ги заштити интересите на муслиманскиот свет во духот на придонесот кон меѓународниот мир и хармонија. Турција е членка на ОИС уште од 1969 година.
Предводена од Фетула Ѓулен, терористичката организација ФЕТО е обвинета за организирање на обидот за државен удар, како и за долготрајната кампања за соборување на власта преку инфилтрирање во турските институции, особено во армијата, полицијата и во судството.