Sultan Çoğalan
20 Април 2017•Ажурирај: 21 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека спроведувањето на уставните реформи и воведувањето на претседателскиот систем на управување ќе ги реши системските проблеми и ќе донесе ефикасен и брз механизам за донесување одлуки коишто на крајот ќе ги динаминизираат односите на Турција на меѓународната сцена, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Истанбул се одржува вториот Форум на шефовите на дипломатиите, од Турција и од земјите од Системот за интеграција на Централна Америка (СИКА), а домаќинот на средбата, Чавушоглу, во воведното обраќање изрази задоволство од тоа што Истанбул како спој на Европа и Азија, денес беше домаќин и на Латинска Америка.
Тој истакна дека Турција и со организацијата на денешната средба покажа одлучност за интензивирање на соработката со земјите од Централна и од Латинска Америка, особено во контекст на зближување на луѓето од овие региони врз основа на заедничките вредности и интереси.
„Сметаме дека е за пофалба ставот на земјите од Латинска Америка против странските интервенции и воените удари.
Турција има исти ставови за ова прашање“, рече Чавушоглу.
Осврнувајќи се на референдумот што се одржа во неделата, на кој турските гласачи според првичните резултати, со мнозинство гласови го поддржаа спроведувањето на уставните реформи и промената од парламентарен во претседателски систем на управување во земјата, Чавушоглу истакна дека Турција ќе продолжи да ги користи сите ресурси и потенцијали за ефикасна меѓународна соработка, вклучувајќи ја и соработката со земјите на регионалната организација СИКА.
Чавушоглу истакна дека државите од СИКА, освен Белизе, исто така имаат претседателски системи, и оти со преминот кон таков систем, и Турција ќе добие поефикасен механизам за донесување одлуки, решавање на проблемите и полесно интензивирање на односите на меѓународната сцена.
Развојот на малите и на средните претпријатија е суштински фактор за економски развој на Турција, во која 90 проценти од економијата ја сочинуваат таквите субјекти, а Чавушоглу рече дека Турција е подготвена да ги сподели своите искуства со земјите од СИКА.
Тој додаде дека Турција сака да ја интензивира соработката со тој регион во областа на туризмот.
„Постои голем потенцијал за подобрување на односите меѓу Турција и земјите од Централна и Латинска Америка. Ние сме свесни дека за искористување на овие потенцијали, неопходно е да се воспостави мир и стабилност. Во овој контекст, нашата желба е да се воспостави мир во соседен Ирак и во Сирија. Во Сирија сакаме да видиме легитимна влада што ќе ја води државата“, рече Чавушоглу.
Тој потсети дека Турција се грижи за повеќе од три милиони бегалци од Ирак и од Сирија, и истакна дека Турција се соочува со многу безбедносни проблеми поради војните во соседството и во исто време се бори против повеќе терористички организации.
„Наш приоритет е борбата против терористичката организација ФЕТО, која минатата година изврши напад на турската демократија. Ви честитаме што не дозволивте оваа предавнички структура да влезе во вашата земја. Конструктивната соработка во борбата против овој вид на меѓународна закана и против криминалот, секако, дава резултати“, рече Чавушоглу.
Турскиот шеф на дипломатијата најави отворање на нови дипломатски преставништва во Централна и во Латинска Америка, и рече дека во овој дел од светот, активностите ги интензивираа и турските институции како Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), Советот за надворешни економски односи (ДЕИК) и Собранието на турските извозници (ТИМ).
„Со цел да се даде поддршка на позитивните движења во земјите на СИКА и намерата за изградба на нови мостови на соработка, Турција оваа година одлучи да организира доброволно да донира финансиска поддршка од половина милион долари“, изјави Чавушоглу.