Tevfik Durul
03 Ноември 2018•Ажурирај: 04 Ноември 2018
АНТАЛИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со вчерашната одлука на неговата земја и САД за меѓусебно укинување на санкциите, порача дека САД побарале нивно укинување, и дека Турција санкциите кон САД ги вовела по принцип на реципроцитет, односно, дека никогаш и не ги поддржувала, јавува Anadolu Agency (AA).
Во турското летувалиште Анталија денеска се одржа 18. состанок на Советот на министри за надворешни работи на земјите од групата Д-8, којашто ја сочинуваат Пакистан, Бангладеш, Египет, Индонезија, Иран, Нигерија, Малезија и Турција.
Чавушоглу, одговарајќи на прашањата на новинарите по состанокот, зборуваше и за заемното укинување на санкциите кон министрите на САД и Турција, кои претходно беа воведени, но и за темите од состанокот во Анталија.
Тој напомена дека и претходно истакнувал дека споменатите санкции се погрешен чекор, и додаде: „Немаше никаква корист од нив, тоа беше непотребен чекор.“
Турскиот шеф на дипломатијата, исто така потсети дека неговата земја воведувањето на санкциите го направила по принцип на реципроцитет, врз основа на одлуката на САД, и подвлече дека Турција никогаш не поддржувала санкции.
„САД посакаа да се откажат од санкциите. Нѐ контактираа пред неколку дена и ни рекоа: ’Дали сте подготвени за заемно укинување на санкциите?‘ Ние искажавме подготвеност дека ќе ги укинеме санкциите кога тој чекор ќе го преземат тие. Вчера се направени чекори на тоа поле“, рече Чавушоглу.
Кога стана збор за Д-8, Чавушоглу потсети дека неговата земја моментално претседава со групата и истакна дека се вложуваат големи напори оваа организација да стане влијателна.
Чавушоглу рече дека во текот на денешниот состанок во Анталија станало збор за потребата од зголемување на бројот на земји членки на Д-8, како и за важноста за што поголемо учество на деловниот свет.