Associated Press
20 Август 2023•Ажурирај: 21 Август 2023
МОСКВА (АА) - Руското вселенско летало „Луна-25“ се урна на Месечината откако наишло на проблеми додека се движело во орбитата пред слетувањето, објави денес руската вселенска агенција „Роскосмос“, пренесува Анадолу.
„Леталото се помести во непредвидлива орбита и се уништи при пад на површината на Месечината“, се наведува во соопштението на Агенцијата.
„Роскосмос“ соопшти дека вчера изгубил контакт со вселенското летало откако наишло на проблеми додека се подготвувало за орбитата пред слетувањето, пријавувајќи „ненормална ситуација“ која експертите ја анализираат. „За време на операцијата се случи невообичаена ситуација на автоматската станица, која не дозволи маневарот да се изведе со наведените параметри“, наведуваат од „Роскосмос“.
Било планирано вселенското летало да слета на јужниот пол на Месечината утре, натпреварувајќи се со индиското вселенско летало.
„Луна-25“, руското вселенско летало испратено на Месечината за прв пат од 1976 година во потрага по извор на вода на сателитот на Земјата, требало да спроведува истражување на Месечината околу една година, со мисии за истражување на ефектите од космичките зраци и електромагнетните емисии на површината на Месечината.
Јужниот пол на Месечината е од особен интерес за научниците, кои веруваат дека поларните кратери, кои се постојано засенети, би можело да содржат вода. Замрзнатата вода од карпите идните истражувачи може да ја претворат во воздух и ракетно гориво.