Ayşe Aktaş
22 Мај 2016•Ажурирај: 23 Мај 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Авионот "Solar Impulse 2" (SI 2), кој лета на соларен погон, синоќа слета на аеродромот во Охајо, САД, со што го заврши 12-от дел на патот околу светот преку кој ги промовира чистите извори на енергија, јавува Anadolu Agency (AA).
На интернет страницата на проектот "Solar Impulse" наведено е дека авионот полетал синоќа од Меѓународниот аеродром во Талса, во сојузната американска држава Оклахома, и дека по 16 часа и 34 минути успешно слетал во Дејтон.
Се очекува авионот пред да го помине Атлантскиот Oкеан, да слета и во Њујорк.
Авионот има просечна брзина од 45 километри на час, а во периодот кога сончевите зраци се најсилни, авионот може двојно да ја зголеми својата брзина.
Патот околу светот "SI 2" го започна на 5-ти март 2015 година во Абу Даби, а досега беше во Индија, Мјанмар, Кина, Јапонија и во неколку сојузни американски држави.
Авионот е тежок 2,3 тони, а на крилата со распон од 72 метри се наоѓаат 17,248 ќелии. Благодарение на батериите од литиум, авионот може да лета и навечер.
Пилотите воедно и пронаоѓачи на авионот се Бертранд Пикард и Андре Борхберг.