Ekipa
02 Септември 2023•Ажурирај: 05 Септември 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) – Индија денес ја лансира својата прва вселенска мисија за проучување на Сонцето, пренесува Анадолу.
Вселенското летало „Адитја-Л1“ беше лансирано од Вселенскиот центар „Сатиш Даван“ во Шрихарикота, јужна Индија, во 11:50 часот по локално време, соопшти Бирото за информирање на медиумите. Леталото ќе го проучува Сонцето од точка на околу 1,5 милиони километри оддалеченост од Земјата.
Лансирањето се случи една недела по успешното слетување на „Чандрајан-3“ во близина на јужниот поларен регион на Месечината.
„Лансирањето на Адитја-Л1 од ПСЛВ-Ц57 е успешно завршено. Сателитот е поставен точно во неговата предвидена орбита“, соопшти Индиската агенција за вселенски истражувања на платформата X.
„Адитја-Л1“ се упатува кон точката Л1 на системот Земја-Сонце, што овозможува непрекинат поглед кон Сонцето, истакна Агенцијата и додаде: „Ова ќе обезбеди поголема предност за набљудување на соларната активност и влијанието врз вселенските временски услови во реално време.”
Леталото ќе ги набљудува фотосферата, хромосферата и короната на Сонцето со помош на електромагнетни и детектори за честички и магнетно поле.
„Адитја-Л1 се очекува да ги даде најкруцијалните информации за разбирање на проблемот со загревањето на короната, исфрлањето на короналната маса, активностите пред ерупциите и ерупциите и нивните карактеристики, динамиката на времето во вселената, ширењето на честичките и полињата...“, соопшти Агенцијата.