Musab Turan
03 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Професор доктор Бахадир Џејлан од Катедрата за инфектологија и клиничка микробиологија при Универзитетот „Медипол Мега“ во Истанбул изјави дека е зголемен бројот на контакти со егзотични животни, коишто живеат на различни континенти, како што се Азија и Африка, поради тоа што овие животни на пазарите се продаваат живи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Забележувајќи дека овие животни се користат како храна, проф. д-р Џејлан рече дека зголемувањето на контактот со животните е фактор за зачестеноста на овие болести.
Во соопштението објавено од страна на Универзитетската болница „Медипол Мега“, место му се отстапува на проф. д-р Џејлан, кој дава свој коментар за смртните случаи што во последно време се последица на вирусите, кои од животните преминале на луѓето.
Проф. д-р Џејлан вели: „Епидемијата на САРС е последица на контакт со мачките вивериди (вид мачки кои живеат во јужна и југоисточна Азија), а МЕРС е последица на контакт со делови од телото на камила или на пиење сурово млеко од камила. Докажано е дека за првпат коронавирусот во Кина е пренесен на луѓето од животните продавани на пазарот за животни. Во исто време докажано е дека од вирусот на ебола се заразиле луѓето кои со рацете биле во контакт со рането, починато или болно животно или го јаделе неговото месо."
Како што истакнува проф. д-р Џејлан денес е зголемен бројот на контакти со егзотични животни кои живеат на различни континенти, како Азија и Африка.
„Се забележува дека овие животни на пазарите се продаваат живи и се користат за храна. Зголемувањето на контактот со животните е фактор за зачестеноста на овие болести.Природата реагира со вируси на „човековите напади" ", вели Џејлан.
- Влијанието на глобалното затоплување и изумирањето на животинските видови -
За крлежите, кои се причина за Крим-Конго хеморагичната треска, проф. д-р Џејлан истакна дека со глобалното затоплување тие започнале да се распространуваат и да живеат во голем број области од светот и додаде:
„Крлежите сакаат топли и суви подрачја. Од таа причина, крлежите ги пренесоа овие болести на поголеми територии и паралелно со тоа се појавија на многу поголеми простори. Можно е еден од факторите за распространувањето на болестите, како Крим-Конго хеморагичната треска, енцефалитис (запаление на мозок) од вирусот Западен Нил и Лајмската болест, пренесувани преку комарци и крлежи, да биде уништувањето на природната средина во која живеат дивите животни, кои се природна цел на овие инсекти. Намалувањето на популацијата на дивите животни предизвикува зголемување на нападите на комарците и крлежите врз луѓето, што резултира со пренесување на болеста.“
- Се менува зачестеноста и формата на болестите -
Проф. д-р Џејлан од Катедрата за инфектологија и клиничка микробиологија при Универзитетот „Медипол Мега“ во Истанбул истакна дека благодарение на технолошкиот напредок и дијагностицирањето на болестите имаме посигурна ситуација, додавајќи дека можеби пред 30-40 години овие болести предизвикувале епидемии на земјата, но тогашните технолошки достигнувања не овозможувале нивно дијагностицирање.
„Благодарение на напредокот на технологијата ние почнавме да ги дијагностицираме болестите, па можеби затоа мислиме дека денес се зачестени заболувањата од овие болести“, проценува проф. д-р Џејлан.
Тој потенцираше дека светската популација постојано се зголемува.
„Може да се види дека луѓето во земјите како што е Кина во голема мерка живеат на мал простор. Во такви случаи, епидемијата на вирус во региони со густа населеност резултира со брзо пренесување на болеста од човек на човек. Може да се забележи дека денес инфекциите како што се ебола, МЕРС, САРС, коронавирус и Крим-Конго хеморагична треска или зачестено се зголемуваат или се јавуваат во нови форми“, заклучи прод. д-р Џејлан.