ТИРАНА (АА) - Самитот на Процесот Брдо-Бриони во албанскиот главен град Тирана ги собра лидерите на земјите во регионот. Целта на Самитот е да упати политичка порака во однос на аспирацијата на земјите во регионот за интеграција во Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
На Самитот, организиран под покровителство на претседателот на Албанија, Илир Мета, присуствуваа претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателот на Словенија, Борут Пахор, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорак Додик и Шефик Џаферовиќ.
На средбата присуствуваа и претседателот на Полска, Анджеј Дуда и високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини. На Самитот не учествуваше претседателот на Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој испрати писмена порака.
По завршувањето на Самитот, претседателот на Албанија, претседателката на Хрватска, претседателот на Словенија и претседателот на Полска, одржаа прес-конференција на која се фокусираа на разговорите на Самитот, процесот за интеграција на земјите од регионот во ЕУ и во процесите на регионална соработка.
- Мета: „Заклучоците на Самитот укажаа на позитивниот напредок на регионот“
Мета, за време на прес-конференцијата изјави дека разговорите на Самитот биле отворени, интензивни и со дух на разбирање, и додаде дека укажале на потребата за поттикнување и интензивирање на регионалната соработка, според него, фокусирајќи се на неопходноста за решавање на прашањата кои чекаат да бидат решени меѓу земјите од регионот.
„Укажавме на важноста на зајакнување на соработката, со цел формирање на атрактивна економска средина за инвестициите, особено од земјите членки на Европската Унија. Заклучоците на овој самит укажаа на позитивниот напредок, особено на извонредниот успех во постигнувањето на Договорот од Преспа. Беше подвлечено заедничкото ангажирање за понатамошно зајакнување на дијалогот и процесот на помирување во регионот. Сите се ангажиравме, подобро и потесно да соработуваме за зачувување и гарантирање на мирот и безбедноста во нашиот регион“, истакна Мета.
Во врска со дијалогот меѓу Косово и Србија, Мета рече дека ги охрабриле страните преку олеснувањето на Европската комисија да се фокусираат во постигнување на применлив и законско-обврзувачки договор што е можно поскоро.
- „Посакувам учество и консолидација на земјите од регионот во ЕУ“
Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, состанокот го опиша како конструктивен и добра форма за дискутирање.
„Процесот Брдо-Бриони ги има вратите отворени и тоа ќе продолжи да носи посебно внимание за овие делови на Европа. Јас го посакувам учеството и консолидацијата на земјите од регионот во ЕУ. Ја потврдувам нашата посветеност за носење на земјите од Југоисточна Европа во Европската Унија. Овој процес треба да се користи како катализатор за учеството на земјите од Западен Балкан за стратегиите на проширување, за решавање на отворените прашања на начин да се постигне полноправно членство“, нагласи хрватската претседателка.
Таа, осврнувајќи се и на процесот на европската интеграција на земјите од Балканот, додаде:
„Преговорите ќе започнат со Северна Македонија, но исто така и со Албанија. Хрватска ќе го поддржи отворањето на преговорите и ние ќе продолжиме да ја аргументираме потребата за подобрување на другите процеси во врска со земјите кандидати. Посакуваме да ја видиме и Босна и Херцеговина да стане наскоро земја кандидат, и посакуваме најкраток можен рок и визна либерализација за Косово.“
Меѓу другото, претседателот на Словенија, Пахор, нагласи дека на средбата отворено разговарале за прашањата и дебатирале за нив на многу мировен начин.
„По европските избори и по изборот на новата комисија, време е за Брисел да го гледа процесот за проширување кон Западен Балкан на друг начин. Комисијата, Парламентот и целата Европска Унија треба да ја имаат предвид општата слика на регионот“, додаде Пахор.
Претседателот на Полска, Дуда, истакна дека разговорите биле за стабилноста на Југоисточна Европа, но и за патот кон членството во ЕУ.
„Прашањата треба да се решат преку дијалог меѓу лидерите, преку дијалог меѓу нациите, пред сѐ за процесот за градење на просперитет и зголемување на стандардите на живеење на Западен Балкан. Тоа е обврска на сите земји членки на ЕУ, да го разберат и поддржат овој процес, пред сѐ за поддржување на развојот на земјите од Западен Балкан. Наша цел е да создадеме мир во Европа“, рече Дуда.
Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива формирана во 2010 година.