Fatjon Cuka
09 Мај 2019•Ажурирај: 09 Мај 2019
ТИРАНА (АА) – Заврши со работа Самитот на Процесот Брдо-Бриони во Тирана, кој ги собра лидерите на земјите во регионот, а имаше за цел да упати политичка порака во однос на аспирацијата на земјите во регионот за интеграција во Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
На Самитот, кој се организира под покровителство на претседателот на Албанија, Илир Мета, присуствуваа претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателот на Словенија, Борут Пахор, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорак Додик и Шефик Џаферовиќ.
На средбата присуствуваа и претседателот на Полска, Анджеј Дуда и високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
На средбата не учествуваше претседателот во заминување на Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој упати писмена порака.
Во заедничките заклучоци на лидерите учесници на Самитот, објавен од Кабинетот на претседателот на Албанија, се истакнува дека досегашниот напредок придонел кон консолидација на демократијата, мирот, сигурноста, стабилноста и растот на регионалната соработка.
„Ние го поздравивме Договорот од Преспа и дојдовме до заклучок дека еден таков пример го отвора патот кон зајакнување на европските и евроатланските врски со регионот на Западен Балкан. Признавме дека овој позитивен момент предизвика нов заеднички оптимизам во регионот, имајќи ги предвид неговите европски и евроатлански перспективи, како клучни стратешки цели“, се вели во заклучоците на лидерите учесници.
Учесниците на Самитот, исто така ја истакнаа важноста на проширувањето на ЕУ на Западен Балкан, според нив, поради зацврстување на демократијата, владеење на правото и почитување на човековите слободи и права во регионот, како и поради решавање на билатералните спорови.
„Ние го поддржуваме ставот на ЕУ дека еден од условите за зачленување на земја аспирант е решавањето на сѐ уште отворените билатерални прашања со неговите соседи. Активно ќе се трудиме за продолжување на дијалогот и растот на довербата во регионот којшто го претставуваме. Сите отворени прашања ќе се решат на мирен начин, во духот на меѓусебното почитување и соработка“, се вели во заклучоците на Самитот.
Лидерите учесници на овој самит ја повикуваат ЕУ да го смета проширувањето на Западен Балкан како прашање со геополитичка важност, според нив, имајќи предвид дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во европскиот систем на вредности е важен фактор и за самата сеопфатна европска стабилност.
Процесот Брдо-Бриони претставува регионална иницијатива основана во 2010 година, додека на средбата одржана во Тирана, учесниците се согласија следната лидерска средба за Процесот Брдо-Бриони да се одржи на крајот на оваа година во Словенија.