Furkan Abdula
11 Август 2023•Ажурирај: 12 Август 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, во рамките на неговата посета на Астана денес имаше средба со претседателот на Казахстан, Касим Жомарт Токајев, пренесува Анадолу.
Според соопштението на МНР на Северна Македонија, Османи и Токајев разговарале на повеќе теми, како: соработката на властите во Казахстан со ОБСЕ и нејзината Проектна канцеларија во Астана, внатрешните прашања на земјата и реформските процеси што се во тек, како и за актуелни теми поврзани со меѓународната соработка и состојбите во поширокиот регион на Централна Азија.
„Казахстан има активна улога во ОБСЕ и неговата посветеност на принципите на организацијата е од големо значење и придонесува за зајакнување на улогата на ОБСЕ во регионот на Централна Азија. Во таа насока, ОБСЕ ќе продолжи да ја поддржува земјата, вклучително и во напорите за справување со безбедносните предизвици предизвикани од влијанието на ситуацијата во Авганистан, но и во спроведувањето на реформската агенда“, истакна Османи на средбата.
Тој нагласи дека ОБСЕ останува да служи како единствена платформа за дијалог и „покрај невидените безбедносни предизвици во поширокиот регион на ОБСЕ и затоа ги охрабрувам властите на Казахстан да продолжат да ја користат нејзината поддршка.“
„ОБСЕ, преку својата експертиза и ресурси, ќе продолжи да дава поддршка во спроведувањето на реформите, особено во областите на доброто владеење, заштитата на животната средина, економското зајакнување на жените, борбата против семејното насилство и трговијата со луѓе и родовата еднаквост“, додаде тој.
Османи рече дека покрај во овие области, ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува Казахстан и во промовирањето на регионалното поврзување, зајакнувањето на енергетската безбедност, антикорупцијата и во спроведувањето на медиумските и судските реформи.