Furkan Abdula
11 Август 2023•Ажурирај: 11 Август 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, нагласи дека Централна Азија и Казахстан се соочуваат со повеќе безбедносни предизвици, а ситуацијата во Авганистан резултира со силни влијанија врз целиот регион, но ОБСЕ продолжува да ги поддржува земјите учеснички во справувањето со овие влијанија преку сеопфатен пакет проекти за ублажување на ризиците, пренесува Анадолу.
Османи го истакна ова на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу, што денес се одржа во Астана по нивната средба.
„И покрај предизвиците со кои се соочува ОБСЕ, особено поради руската воена агресија во Украина, која има огромно влијание врз нашата колективна, човечка и економска безбедност, ОБСЕ ќе продолжи координирано да работи и да нуди решенија што ќе значат поголема сигурност за луѓето од поширокиот регион на Централна Азија“, изјави Османи.
Османи рече дека Програмската канцеларија на ОБСЕ во Астана, освен за справување со предизвиците, му дава поддршка на Казахстан и за спроведувањето на реформската агенда во земјата.
„Соработката меѓу Казахстан и ОБСЕ покажува многу добри резултати на терен. На пример, нашиот заеднички тригодишен проект за поддршка на реформите во правосудството резултира со градење на капацитетите во соработка со Врховниот суд, владините тела и националните институции за човекови права. За споменување, исто така, се проектите за екопристаништа, борба против киберкриминалот и други, што говори за опипливите придобивки за луѓето што произлегуваат од заедничката работа на Канцеларијата на ОБСЕ и институциите“, нагласи тој.
Покрај соработката на ОБСЕ со Казахстан, Османи посочи дека и Северна Македонија и Казахстан имаат одлични билатерални односи во сите сфери од заеднички интерес – политички, економски, трговски и културни и очекува дека тие ќе продолжат да се продлабочуваат.
Османи, исто така, изрази и благодарност до властите во Казахстан за поддршката на приоритетите на Северна Македонија во рамките на Претседавањето со ОБСЕ.