Furkan Abdula
07 Декември 2021•Ажурирај: 08 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, учествуваше на министерскиот состанок на Обединетите нации (ОН) за мировни операции, што се одржа виртуелно, во организација на министерот за надворешни работи на Република Кореjа, Чунг Еуи-јонг, и министерот за национална одбрана, Су Вок, заедно со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија се наведува дека во своето обраќање Османи ја реафирмирал посветеноста на земјата кон мултилатералната соработка, како еден од приоритетите на надворешната политика на Северна Македонија, во која меѓу другото спаѓа и соработката во делот на мировните операции во рамки на ОН и зачувување на мирот.
„Северна Македонија е целосно посветена и решена да продолжи со своите заложби во делот на зголемено учество во мировните операции на ОН преку зајакнување и обучување на своите капацитети, посебно водејќи сметка и за еднакво учество на жените во мировните процеси или во делот на превенција“, рече Османи.
Воедно, Османи истакна дека земјата целосно ги поддржува реформите преземени од страна на генералниот секретар Гутереш за поефикасни мировни операции, кои иако се соочуваат со предизвици, се важен инструмент за зајакнување на мирот и безбедноста во светот.
На сесијата посветена на одржување на мирот, на која учествуваше Османи, беше изразена силна поддршка за превентивната дипломатија како основа за градењето на мирот, што како процес е од суштинско значење за одржлив мир и стабилни општества.