Büşra Nur Bilgiç Çakmak
19 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
АНКАРА (АА) - Главниот преговарач на Европската Унија (ЕУ), Мишел Барние, денес објави дека се тестирал и дека е позитивен на новиот тип коронавирус Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Би сакал да ве информирам дека се тестирав и сум позитивен на Ковид-19. Добро напредувам и размислувам позитивно. Ги следам сите потребни упатства, како и мојот тим“, напиша Барние на Твитер.
„Им порачувам на сите оние што се погодени од оваа ситуација и на оние што во моментот се во изолација дека ќе го надминеме ова заедно“, додаде тој.
Од друга страна, членот на германската Зелена партија, Џем Оздемир, исто така објави дека е позитивен на вирусот.
„Се чувствувам добро и не треба да се грижите за мене. Останете дома и следете ги упатствата на властите“, напиша германскиот политичар со турско потекло на неговиот профил на Инстаграм.
Новиот тип коронавирус досега одзеде речиси 9.000 животи на глобално ниво, од кои поголемиот дел во Кина, а над 219.000 случаи на вирусот се потврдени во најмалку 159 земји и територии.
Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи Европа за нов епицентар на пандемијата на вирусот, што за првпат се појави во кинескиот град Вухан во декември минатата година.