Almir Terzic
19 Август 2024•Ажурирај: 20 Август 2024
КИEВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Киев сака да воспостави тампон зона во руската област Курск за да спречи нови напади на руските сили преку границата, јавува Анадолу.
Во исто време Западот повторно повика на испорака на дополнително оружје.
Зеленски во неделата во вечерното обраќање ги пофали украинските војници и првпат ја наведе конкретната цел за нивната инвазија на Русија.
„Наша главна задача во одбранбените операции е да уништиме колку што е можно поголем дел од рускиот воен потенцијал и да спроведеме колку што е можно повеќе контраофанзивни дејства. Тоа вклучува формирање тампон зона на територијата на агресорот. Сѐ што предизвикува загуби за руската армија, руската држава, нивниот воено-индустриски комплекс и економијата, помага да се спречи ширењето на војната и нè приближува до праведниот крај на оваа агресија“, рече украинскиот претседател.
Според Зеленски, украинските сили ги зајакнуваат своите позиции во руската област Курск.
Украинските сили неочекувано ја нападнаа руската територија пред помалку од две недели.
Според последните информации од Киев, Украина контролира повеќе од 80 града и 1.500 квадратни километри територија во руската област Курск.
Киев во неделата пријави уништување на втор мост во регионот, со што има намера да ги пресече патиштата за снабдување на руската армија. Според извештаите на руската војска, уништувањето на мостовите ѝ оставило на Русија ограничени можности да ја премине реката Сејм, што, според Москва, ја отежнува евакуацијата на жителите од областа.
Властите во неделата објавија дека се обидуваат да ја потиснат украинската војска од неколку населени места.
Зеленски во неделата го повтори и својот повик до западните сојузници да ја забрзаат испораката на оружје и муниција. Русија го зголемува притисокот врз украинската армија на истокот на Украина, каде што, според Министерството за одбрана, нејзините сили зазеле уште едно село во областа Доњецк.
Станува збор за селото Свиридонивка, на 15 километри од градот Покровск, кое се наоѓа на клучна маршрута за снабдување на украинските војници и градови на источниот фронт и долго време е цел на руската армија.